Од Министерството за образование и наука информираат дека до 26 март повторно е достапна можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, за студенти кои ги исполнуваат условите согласно Законот за субвенциониран студентски оброк.
Повикот е отворен за оние студенти кои досега не успеале да се пријават, односно да го остварат ова право досега.
„Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.
Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.
Минатиот петок, на 17 март, пред МОН протестираа средношколци барајќи измени во овогодишниот процес на полагањето на државната матура, а на нив им се придружија студенти од движењето „Студентски отпор, кои бараа зголемување на сумата на мерката за оброк.
„Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и почитување на роковите за исплата на субвенционираниот студентски оброк и за стипендиите, кои веќе доцнат месец дена“, изјавија тие.