Министерството за образование и наука (МОН) и Националната агенција за образовни програми и мобилност денес (среда, 17 јануари) организираат панел-дискусија посветена на образованието и младите на тема „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“.
„На панел-дискусијата ќе бидат презентирани можностите и перспективите за младите достапни преку програмите на Европската Унија за размена и соработка со европските образовни институции. Покрај тоа, присутните ќе имаат можност да добијат повеќе
информации и за потенцијалните придобивки што членството во ЕУ ќе ги донесе во насока на подобрување на квалитетот на македонското образование, зголемување на вработливоста на младите, зајакнување на дијалогот на најразлични теми и помош за
издигнување на младинскиот активизам“, велат од МОН.
Панел-дискусијата ќе се одржи во Хотелот „Александар Палас“, Скопје, со почеток во 19:00 часот.
Воведно обраќање ќе има министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. На панел- дискусијата ќе учествуваат Марко Ѓоргиевски, директорот на Националната агенцијата за образовни програми и мобилност, Ѓорги Тасев, Советник за млади на Претседателот на Владата на РСМ, Давид Дамјаноски, Претседател на Комисијата за надворешна соработка при Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Благица Ефтимова, Проектна менаџерка и координаторка во ЦЕТ Платформа.
Настанот се организира во рамки на кампањата на Владата на Република Северна Македонија „Европска иднина, поблиску од кога било“. Кампањата има за цел да истакне придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија. Исто така, кампањата ќе овозможи и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.