Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) информираат дека е изработена нацрт Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикуваат сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со свои мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија.
„Концепцијата за реформи во гимназиското образование е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем. Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели“, велат од МОН.
Како што додаваат, мислењата и сугестиите на сите чинители на образовниот процес се од исклучителна важност за креирање гимназиско образование кое ќе ги подготви учениците за современите предизвици и ќе обезбеди меѓународно споредливи образовни резултати.
„Гимназиското образование во Македонија повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го доведе до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди. Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21. век“, наведуваат оттаму.
Концепцијата е достапна на официјалната веб страница на Бирото за развој на образованието. Коментарите може да се испратат на javnarasprava@bro.gov.mk најдоцна до 31 јануари.