Министерството за образование и наука (МОН) информира дека развило мобилна апликација која им овозможува на родителите и старателите на учениците едноставен пристап до електронскиот дневник и со тоа, лесно и на дневна основа, да го следат образовниот напредок на децата.
Според министерката Весна Јаневска, апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
„Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, рече Јаневска на прес-конференција.
Министерката посочи дека сите податоци кои се внесуваат во електронскиот дневник, се архивираат и корисникот на апликацијата има увид во податоци од тековната, но и од било која учебна година наназад.
„Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците“, посочи министерката.
Јаневска рече и дека за било каква корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса ednevnik@ednevnik.edu.mk.
Со цел намалување на административната работа на наставниците, Јаневска дополни дека податоците од електронскиот дневник ќе ги печатат само еднаш годишно, односно на крајот на учебната година, наместо како досега на месечна основа.
Исто така, тврди дека МОН работи на забрзана дигитализација на образовната сфера. Во таа насока, министерката најави дека наскоро започнува пилотирањето на новиот електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
„Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање на странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавачи. Паралелно продолжуваме со обезбедување на квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците“, додаде Јаневска.
Воедно, од МОН велат дека дел од образовните услуги се целосно дигитализирани.
„Од оваа учебна, односно академска година, за прв пат целосно електронски се спроведуваат постапките за аплицирање и стекнување на ученички и студентски стипендии, како и за сместување во ученички и студентски домови. Повеќе нема доставување на хартиени документи ниту од страна на апликантите, ниту хартиени решенија за прифаќање или одбивање од министерството“, соопштуваат од МОН.