Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) информираше дека Министерството за образование и наука (МОН) им прифатило две од барањата што ги испратија пред неколку денови, со цел да се подобри студентскиот стандард.
„Идните бруцоши можат да аплицираат на повикот за користење на мерката субвенциониран студентски оброк до 5 септември со што ќе се стекнат со правото на користење на мерката од почетокот на академската година“, информираа од УСС УКИМ.
Исто така, прифатено е и барањето за студентите што се на интегрирани студии од 3+2 години, од оваа година да можат да аплицираат за стипендија за втор циклус на студии.
„Со измени во Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно – истражувачките кадри, на барање на УСС, МОН ќе ја спречи дискриминацијата што досега ја имале студентите на втор циклус студии од 3+2 години, кои не можеа да аплицираат за стипендии за втор циклус на студии“, соопштија од УСС УКИМ, дополнувајќи дека остануваат во борбата за подобар студентски стандард.
View this post on Instagram
Дека две од барањата се прифатени денеска потврди и министерката за образование, Весна Јаневска. Таа тврди дека студентскиот глас се слуша при креирањето на политиките.
„Универзитетското студентско собрание ни достави три барања, од кои две прифативме веднаш. Така, студентите кои годинава се запишуваат во прва година, до 5 септември можат да аплицираат за студентски оброк. Јас ги повикувам сите бруцоши кои се надеваат дека ќе стекнат статус на студенти, да го искористат овој рок и да аплицираат“, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по работната посета на основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.
Во однос на субвенционираниот студентски оброк, за кој електронското аплицирање е во тек од 15 август до 5 септември, и дали ќе има покачување на дневниот износ од 140 денари од оваа академска година, Јаневска одговори дека во буџетот за следната година ќе биде предвидено зголемување на износот.
„Не можам во овој момент со сигурност да кажам колку ќе биде, но во следната година студентите секако ќе имаат покачен студентки оброк“, рече Јаневска.
Воедно, рече таа, веднаш одговориле и на барањето за можноста за аплицирање на студентите на интегрирани студии од 3+2 години за стипендии за втор циклус на студии, додека за третото барање е потребно извесно време.
„Студентите доставија и барање за усвојување на Закон за младински стандард. Нивниот предлог е неопходно подетално да го погледнеме, но, се надевам, дека во најскоро време и тоа ќе го завршиме“, рече министерката Јаневска.
Во овој дел, УСС УКИМ бараа да се поднесе предлог иницијатива за усвојување на веќе планираниот Закон за младински стандард, особено за делот на студентското и средношколско сместување и потребата од подобрување на нивните услови, за помош на сите млади лица во Македонија.
Бојан Шашевски