Оваа учебна година за првпат ќе се печатат учебници на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Од МОН велат дека со помош на овие материјали за учење се обезбедува еднаков пристап во наставата за секој ученик.
Материјалите, од кои еден дел веќе се готови, се печатат на специјален печатач во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје.
„Со печатењето на учебниците за прво и четврто одделение по новата Концепција, нашите ученици ќе можат подобро да го осознаат светот, да се едуцираат и да го имаат достапен секој пишан текст на Брајово писмо. Оваа година, добивме финасии за брајова хартија и свел-тач хартија со помош на која, оваа учебна година учениците од прво и четврто одделение со новиот концепт, сме обезбедени со Брајови учебници”, вели директорот на училиштето, Бобан Спасенцовски.
Дефектолог – тифлолог м-р Анита Чекановска Димитриевска, вели дека кадарот во училиштето континуирано работи и успева, оваа образовна установа да ја трансформира согласно со барањата на современите општествени текови.
„Овие промени секогаш се прават во склад со воспитно-образовните потреби на слепите и слабовидните деца и ученици, строго почитувајќи ги специфичностите на децата и младинците”, истакнува Чекановска Димитриевска.
ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје е установа којашто непрекинато 67 години освен со воспитно-образовна се занимава и со рехабилитаторска дејност.