Од Министерството за образование и наука излегоа со став за денешниот бојкот на настава во средните училишта. За Радио МОФ велат дека секое неоправдано отсуство на учениците ќе биде евидентирано.
„Секое неоправдано отсуство на учениците од наставата се евидентира во педагошката евиденција која ја пополнуваат наставниците во училиштата. Така што, апелираме учениците да бидат внимателни при повиците за отсуство од наставата поради разни причини, бидејќи секој сноси лична одговорност за евентуалните последици по однос на поведението“, посочуваат од МОН.
Оттаму додаваат дека учениците и на часови обработуваат теми од животната средина.
„Иако правото на протест е право на сите граѓани, сепак примарна обврска на учениците е воспитно – образовниот процес и присуство на настава, каде за време на обработката на теми од областа на животната средина имаат можност да дадат придонес, да го искористат својот потенцијал и креативност и да изработат предлог проекти, мерки и активности за справувањето со овој предизвик и истите да ги проследат до надлежните институции.“, додаваат од МОН.