Министерството за образование и наука (МОН) ја поздрави одлуката на градоначалникот на општина Градско за разрешување на директорот на основното општинско училиште каде беше утврден случај на врсничко насилство.
„Ја охрабруваме локалната самоуправа да продолжи и да ги интензивира активностите за градење на мирна и хармонична училишна средина во која секое дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал. Ова всушност е порака и до сите општини и училишни менаџменти во државата, бидејќи насилното однесување меѓу младите не смее да биде опција“, се вели во соопштието на МОН.
Од таму дополнуваат дека осудуваат секакво насилство во и надвор од училиштата.
Информацијата за расрешувањето на директорката на Фејсбук ја соопшти градоначалникот на Општината, Киро Нацков, кој дополнително апелираше сите засегнати институции да преземат одговорност. Според него, иако е пријавено во МВР и Центарот за социјални работи, сепак се` уште нема никаква реакција по однос на овој случај.
Станува збор за случајот во кој двајца деветтодделенци, во ООУ„Даме Груев“ во Градско, во два наврати, му искинале долен веш на соученик во соблекувалната за физичко образование. Првпат тоа се случило на четврти а вторпат на 11 ноември, кога ученикот се вратил дома освен со искинат долен веш и со гребнатини на телото.
Булинг врз деветтодделенец од Градско, надлежните три недели не можат да најдат решение