Јаневска: Сто психолози вклучени во зајакнатата психосоцијална поддршка на учениците  

Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолози на Македонија и Црвениот крст, обезбеди зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините каде голем број млади, во несреќата во Кочани, загубија браќа, сестри, другари и соученици, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Таа посочи дека веднаш по трагичниот настан биле подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка, а насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата.

„Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново – Облешево и околните места, како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.

Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолози, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен, посочи Јаневска, додавајќи дека преостанатите ќе се вклучат откако ќе ја поминат денешната обука.

На веб-страницата на Министерството за образование и наука, Јаневска посочи дека има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолози на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст кои се во функција 24/7 .

Помош, како што додаде, може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани каде има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија. За поддршка на студентите, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е отворен центар за младинско советување .

Јаневска ги охрабри стручните лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и наставниците, додавајќи дека доколку им се потребни попрецизни насоки каде се најпотребни и како да делуваат, можат да се обратат до Министерството и до Комората на психолози.

Министерството за образование и наука, во рамки на надлежностите, и во следниот период ќе презема и координира активности кои можат да им бидат од помош на младите во справување со предизвиците, посочи Јаневска.