МОН: Студентите ќе ги добијат парите од стипендиите следната недела

Студентите ќе ги добијат парите од стипендиите следната недела!Парите од стипендиите чие исплаќање доцни веќе подолго време, наскоро ќе им бидат префрлени на студентите. Од Министерството за образование и наука за Радио МОФ велат дека при крајот на следната недела, ќе започне исплаќањето на околу 3.000 студентски стипендии, а понатаму финансиските средства ќе продолжат да се префрлаат, согласно потпишаните договори.

Ваквите најави доаѓаат по реакциите на социјалните мрежи, каде повеќе студенти револтирани од доцнењето на исплатата на парите од стипендиите, повикаа на бојкот на престојните локални избори.

„Немам намера да гласам доколку не ги пуштат стипендиите до пред избори и тоа не само јас, туку 90% од оние кои земаат стипендија нема да гласаат“, гласи еден од коментарите во студентските групи на Фејсбук.

Исплатата на стипендиите доцни скоро секоја година и наместо секој месец, најчесто студентите ги добиваат парите во два дела, едниот во април а другиот во јуни.

К.О.