Училиштата се и ќе останат средина во која учениците ќе се чувствуваат безбедно и ќе го развиваат својот потенцијал преку непречена и квалитетна реализација на воспитно – образовниот процес. Тоа е суштината на постоењето на образовните установи, велат од Министерството за образование и наука (МОН).
Од МОН го осудуваат секој обид за попречување и прекин на наставата, одвлекување на вниманието на учениците и наставниците од реализацијата на секојдневните училишни, односно работни обврски и создавање непотребни грижи за нивната сигурност во училниците.
„Апелираме до училишните раководства да го подигнат нивото на безбедност во училишните објекти и да продолжат со организација на воспитно – образовниот процес. Локалните самоуправи под чија и надлежност се основните општински и јавните средни училишта, МОН и МВР секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна било каква дополнителна поддршка, затоа што сите делуваме во насока на заштита на најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите“, велат од МОН.
МОН ги осудува, како што велат, постапките на субјектите кои ја попречуваа работата на неколку средни училишта во главниот град во изминатите денови.
„Се надеваме дека од страна на соодветите органи ќе бидат пронајдени и санкционирани час поскоро“, посочуваат од МОН.
Јавното обраќање на МОН доаѓа откако деновиве во повеќе училишта доаѓаа закани по мејл за наводно поставена бомба, а потоа МВР информираа дека станува збор за лажни пријави. Училиштата беа испразнети од ученици и наставен кадар, а во објектите беше забележливо силно полициско присуство. Притоа, загриженост изразија од Сојузот на средношколци, кои повикаа зголемување на безбедноста во училиштата.