Во јунскиот уписен рок во јавните средни училишта во Република Македонија за идната учебната 2017/2018 година се запишаа 11 205 од вкупно пријавените 17 179 ученици, соопшти МОН. Од нив 8 590 ученици ќе следат настава на македонски наставен јазик, 2 440 ученици на албански наставен јазик, 99 ученици на турски наставен јазик, и 76 се повторувачи.
Според видот на образование 4 878 ученици се во гимназиско образование, а 6 151 ученици во стручно образование и 176 ученици во спортска гимназија. Во вкупниот број на запишани ученици и слободни места за второто пријавување во јунскиот уписен рок, не е пресметан бројот на учениците од средните училишта за уметничко образование, бидејќи учениците во тие училишта полагаат дополнителни испити.
Слободни места за запишување на ученици за второто пријавување во јунскиот уписен рок, има во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија.
Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 5 јули 2017 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 6 јули 2017 година.