До Државниот испитен центар (ДИЦ) биле доставени 283 приговори за резултатите од екстерното тестирање на матурантите, за кои рокот за поднесување заврши вчера. Тие до ДИЦ се процесуирани од училишните комисии.
– Врз основа на извештајот што го добив денеска од Државниот испитен центар, 130 приговори се прифатени, 133 се одбиени, а за останатите 20 ќе се одлучува по извештај од Државниот просветен инспекторат. Многу е мал процентот на поднесени приговори што е уште еден доказ и потврда дека екстерното овој пат помина без проблеми и забелешки, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски по посетата на ОУ „Ѓорче Петров“ во Скопје.
Прифатените приговори се од две училишта во Куманово и Гостивар од каде што и се очекувале приговори поради пропусти во верификацијата на распоредите на првото од двете тестирања.
– Беше направен пропуст во однос на наставниот јазик на кој учениците ја следат наставата и на тие ученици им се прифатени приговорите, појасни министерот Ристовски.
Годинава екстерно тестирање имаше за 21.854 матуранти. Просечната оценка на тестираните матуранти од 96 средни училишта во Македонија е 3.39.
Најдобри резултати постигнале матурантите од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, а следни се: „Јосип Броз-Тито“-Битола, уметничкото „Лазар Личеноски“-Скопје, „Орце Николов“-Скопје и „Гоце Делчев“-Куманово на петтото место.