Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека започнало печатењето на учебниците за основно образование, кои се нови и оваа година за првпат ќе се употребуваат. Според нив, целосната испорака ќе биде заокружена во текот на ноември.
„Приоритет во процесот на печатење имаат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение, кои низ сложена неколкумесечна постапка се неодамна одобрени, а нивната изработка следеше по креирањето на нови наставни програми за овие одделенија, согласно планот за етапна реформа на основното образование. Согласно договорот со економскиот оператор, печатницата Европа 92, целосната испорака ќе биде заокружена во текот на следниот месец“, соопштија од МОН.
Поради доцнењето во изработката на учебниците, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение оваа учебна година ја започнаа со таканаречени материјали за учење – каде се разработува наставниот материјал само за првото тримесечје.