За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди, информираат од Министерството за образование и наука (МОН) за започнатата реконструкција на студентскиот дом кој две години стои затворен и без студенти.
Со реализација на активностите на терен, како што велат од МОН започна првата фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Република Северна Македонија.
Наскоро, уверуваат од таму, ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
„Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби“ велат од ресорното министерство.
Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој МОН на почетокот на годината го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен.
Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Реконструкцијата на терен на студентскиот „Кузман“ според најавите и ветувањата на МОН требаше да започне во втората половина на 2023 година. Потоа актуелниот министер Јетон Шаќири изјави дека за да започне реновирањето домот заедно со „Стив Наумов“ треба да се вратат во сопственост на Државниот студентски дом.
На 29 декември, 2023 година министерот го потпиша договорот за рехабилитација на двата скопски студентски дома по што најави дека реконструкцијата започнува по новогодишните празници.
Ангела Бошкоска