Моник, кокошката која плови низ светот

Две години на море двајца морнари крстарат низ светот, на топло и ладно време. Едниот од нив е маж и има 24 години, а другиот морнар е кокошка.

Гирек Суде, е оној кој ја прави повеќето од напорната работа на бродот. Моник е кокошка, која го поминува поголемиот дел од времето восхитувајќи се на погледот од палубата и повремено несејќи јајца. Двајцата станаа познати на социјалните мрежи откако француските медиуми објавуваа за нивната необична авантура.

Гирек, кој е од Бретања, го започна своето патување околу светот со Моник во 2014 година. Откако започна од Канарските острови, тие испловија на Св. Барт на Карипското море, пред да продолжат на Арктикот, во август минатата година.

„Веднаш знаев дека е вистинската“, вели Гирек за Би-Би-Си од западен Гренланд, каде што во моментов се застанати.

„Таа имаше четири или пет месеци и никогаш ги немаше напуштено Канарските острови. Јас не зборував шпански, а таа не зборуваше француски, но се разбиравме“, објаснува тој.

Неговиот план бил да понесе со себе миленик за да има друштво, но кокошката не била неговиот првичен избор.

„Размислував за мачка, но решив дека е премногу напорно за да се чува“, вели Гирек.

„Кокошката беше идеален избор. Не и е потребно толку чување и ќе можам да добивам јајца на море. Луѓето ми велеа дека нема да успее, дека кокошката ќе биде премногу потресена и дека нема да несе јајца. Но, немаше проблем, таа веднаш почна да несе јајца. Таа совршено се вклопи, многу брзо таа се навикна“, вели овој морнар.

Во просек, неделно Моник дава шест јајца, дури и во ладни предели како Гренланд. Гирек вели дека локалните жители реагирале љубопитно на нејзиното присуство – што е можеби разбирливо, бидејќи таму нема живинарство.

Животот е доста удобен за Моник на бродот наречен „Ивинек“, по островот каде Гирек израснал.

Додека таа е слободна да се шета по палубата поголемиот дел од времето, задача на Гирек е да ја врати назад во нејзиниот кокошарник кога времето се влошува.

„На почетокот бев многу загрижен, имаше големи бранови и таа паѓаше, требаше секунда за таа да падне во водата, но секогаш се справуваше. Таа е многу храбра. Но, кога има силни ветришта, јас сум многу повнимателен и таа влегува внатре“, објаснува тој.

Според него, постојат и позитивни работи имајќи кокошка како придружба наместо човек.

„Во споредба со луѓето, таа не се жали воопшто“, вели Гирек.

„Таа ме следи секаде и не создава проблеми. Се што треба да направам е да викнам ‘Моник’ и таа ќе дојде со мене и ќе ми прави друштво. Таа е неверојатна, но нема да лажам, таа некогаш знае да ме изнервира“, додава тој.

На прашањето, како реагирале неговите пријатели и семејство кога избрал Моник како придружник, Гирек вели:

„За нив беше смешно. Тие, и онака знаат дека не сум сосема нормален“.

Следна дестинација за овој морнарски дует е, преку Арктикот и Беринговиот теснец, да отплови во Ном, Алјаска.