Пишувањето на научната фантастика е совршено бегство од реалноста, бегство кое не е ограничено со правилата на реалниот свет. Единствено ограничување за една млада писателка се анонимноста и мислењето дека научната фантастика е „машка“ литература, вели во интервју за Радио МОФ младата писателка Моника Трајковска. Нејзиниот роман „На работ од времето“ ќе биде промовиран на Книжевниот фестивал „Букстар“ овој петок (04.11) во Јавна соба.
Трилогијата „Наследството на Вероника“, чиј прв дел ќе биде промовиран овој петок во рамки на фестивалот „Букстар“ на Книжевниот центар „Антолог“, е научна фантастика. Како особено редок жанр во Македонија, колку пишувањето на оваа трилогија, но и наоѓањето издавач беше предизвик за тебе?
Искрено, отсекогаш сум била фасцинирана од научната фантастика и безбројните можности што таа ни ги нуди, па затоа и воопшто не ми беше тешко пишувањето на приказната. Едноставно се препуштив на фантазијата и зборовите сами се редеа. Но, наоѓањето издавач беше огромен предизвик. Неколку издавачки куќи ме одбија токму поради жанрот. Тоа беше процес што траеше со месеци и многу сум среќна што го пронајдов Книжевниот центар Антолог. Во тој период тие исто така бараа нешто од овој жанр, па успеавме да се најдеме на половина пат.
Научната фантастика е жанр кој има свое јадро на почитувачи, кое е помало на бројност, но би можело да се каже дека е особено лојално. Колку во Македонија има публика, односно „фандом“ за овој правец?
Јас сум опколена со љубители на научната фантастика. Започнувајќи од моите родители и сестра ми, па сè до најблиските пријатели и многу познајници. Отсекогаш мислев дека сум имала среќа да се погодам во овој мал круг, но откако почнав да зборувам за мојата книга на Твитер (тоа беше уште во фазата на пишување), сфатив дека има многу повеќе љубители на овој жанр одошто претходно мислев. Претпоставувам дека на тоа влијае и фактот што во последниве неколку години токму научната фантастика е голем тренд ширум светот, па се пишуваат многу книги и се снимаат многу ТВ серии и филмови на таа тема. Едноставно сè повеќе се шири, и луѓето сè повеќе се фасцинираат од овие приказни (можеби имаат потреба од мала авантура надвор од реалноста?), дури и ако не се сметаат себеси за љубители на жанрот.
Кои автори и книги од научната фантастика влијаеле на тебе и твојот авторски стил?
Не се сеќавам да сум прочитала научно-фантастична книга што не ми се допаднала. Но, мислам дека пресудниот момент да одлучам да почнам да ја пишувам својата приказна беше откако ја прочитав првата книга од трилогијата „Divergent“ на Вероника Рот. Таа со светот што го создаде ме воодушеви до тој степен што откако ја завршив книгата, во истиот момент пуштив Ворд, и почнав да ја куцам мојата приказна. Бидејќи отсекогаш сум си ги запишувала мислите и соништата со идеја дека некогаш ќе пишувам книга, а и во последните година дена ми се вртеше конкретна приказна во главата, не ми требаше многу време за да ја добијам потребната насока во која сакам да се движам. Од друга страна пак, пишувам во прво лице еднина, иако сите ме предупредија дека ќе биде потешко, бидејќи на тој начин можам многу повеќе да се соживеам со главниот лик и подобро да го претставам тоа низ што таа поминува. Особено од емоционална гледна точка. Затоа и повеќе сакам да читам ваков тип книги, едноставно се ставам на местото на личноста што раскажува и како да го гледам пред себе тоа што му/ѝ се случува.
„На работ од времето“ е твој прв роман. Колку е тешко за една млада авторка да се пробие на литературната сцена кај нас?
Многу тешко. Без разлика за која област станува збор, кај нас како да се невидливи младите што сè уште немаат изградено име, без разлика на нивните квалитети. Тоа особено доаѓа до израз на литературната сцена, бидејќи дел од издавачите (погрешно) веруваат дека никој не би бил заинтересиран да купи книга од писател што не го познава или не го читал претходно. Како сите да забораваат дека дури и најпознатите писатели низ историјата некогаш ја издале својата прва книга, дотогаш непознати за останатиот свет.
По професија си психолог. Колку теоретското изучување на човековата психа ти помогна при создавање и градење на ликовите од твојата книга?
Сметам дека моето познавање од психологијата и психотерапијата имаше клучна улога при градењето на ликовите. Особено кај главниот лик, Вероника, и кај негативецот. Нивната личност е неверојатно комплексна и се обидов тоа да го претставам најдобро што можам, навраќајќи се наназад на многу предавања во текот на моето студирање. Дури и повторно читав материјали за човековата психа и како одредени настани влијаат при оформувањето на нашиот карактер, бидејќи целата приказна се врти токму околу тоа. Создавањето на секој лик во книгата беше долг процес, бидејќи сакав тие да бидат што пореални и нивните однесувања и реакции да соодветствуваат на карактерот за да можат читателите да ги доживуваат како вистински луѓе.
Каква е генерално читателската култура во Македонија, според тебе? Дали е книгата сè уште медиум кој може да добре до поголема публика, или пак ја почитуваат малкумина верни љубители на пишаниот збор?
Дефинитивно книгата е сè уште медиум што може да допре до поголема публика и во Македонија има голем број љубители на пишаниот збор, од сите возрасти. Единствениот проблем кај нас е што поради некоја причина, голем дел од издавачките куќи сметаат дека читателите не се заинтересирани за проза или поезија од македонски писатели, па затоа е и многу тешко некој да издаде книга. Од друга страна пак, дури и оние што успеале во тоа, нивните книги се затскриени зад големи светски бестселери и едноставно фаќаат прашина бидејќи никој не се ни труди да ги промовира. А постојат толку добри приказни, што откако ќе ги откриете, едноставно нема да ви се верува како досега не сте чуле за нив.
Книжевниот фестивал Букстар годинава особен акцент става на творештвото на жените авторки. Сметаш ли дека во денешното општество е потребно да им се даде посебна „сцена“ на жените писателки, или пак и жените и мажите имаат подеднаква можност да просперираат и создадат име за себе?
Иако постои промена во однос на минатото, сепак за жените авторки сè уште е малку комплицирано да се пробијат. Најпрво, поголемиот дел од мажите читатели ги отфрлаат книгите во истиот момент штом видат женско име на насловната бидејќи автоматски помислуваат дека приказната би била премногу „женска“ за нивен вкус. Затоа, многу писателки сè уште решаваат да ги напишат само своите иницијали на корицата или пак, да одат со псевдоним. Потоа, постои општо верување дека жените не можат да напишат толку добра приказна, особено ако е на некоја поспецифична („помашка“) тема, како на пример научната фантастика. Тогаш доаѓа осудување и од мажите и од жените читатели, без воопшто да ѝ дадат шанса на приказната. Јас лично се имам соочено и со двете ситуации. Но, со малку трпение и упорност, како и со многу верба во себе, мислам дека секој може да си создаде име, без разлика на полот.
„На работ од времето“ е првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“. За кога се планирани наредните два дела?
Во моментов не можам со сигурност да одговорам на ова прашање. Јас ја имам целата приказна смислено, и сите глави до последната од третата книга ми се запишани во кратки црти за да не заборавам важни детали, но сепак треба време да се напишат. Во секој случај, веќе почнав со пишувањето на втората книга, па не би рекла дека ќе треба да се чека премногу до излегувањето на вториот дел.
Зошто треба да ја прочитаме „На работ од времето“?
За мене пишувањето на оваа приказна беше совршено бегство од реалноста, еден возбудлив и необичен начин да се одморам од секојдневието и проблемите што доаѓаат со него. Ако сте љубители на научната фантастика, поточно на приказните чие дејство се случува во постапокалиптично општество, тогаш верувам дека и вие ќе ја доживеете на истиот начин.
Стефанија Тенекеџиева