Мониторингот на телевизиските вести спроведен од септември 2016 до февруари 2017 година покажа дека во медиумскиот простор постојат четири комерцијални телевизии кои можат да се наречат пропагандистички, е заклучокот од денешната конференција организирана од страна на Институтот за комуникациски студии (ИКС), објави Мета.
„Станува збор за телевизиите ‘Сител’, ‘Канал 5’, ‘Алфа’ и ‘ТВ Нова’, чии вести во целиот мониториран период биле помалку или повеќе фаворизирачки кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, а со негативен или често демонизирачки став кон политиките на опозициската СДСМ“, рече Игор Мицевски, презентирајќи ги заклучоците од мониторингот спроведен во рамките на проектот МОДЕМ, поддржан од Холандската амбасада.
Наспроти ова, во вестите на телевизиите „24 Вести“, „Телма“, „Алсат М“ и „ТВ 21“, од кои последните две емитуваат двојазично, мониторингот покажал дека постои избалансираност, не заземање на страна, почитување на јавниот интерес или дека критичката опсервација кон едната или другата партија биле сеопфатно аргументирани, со изнесување на повеќе страни.
Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Ваутер Пломп, изразувајќи задоволството од проектот, изјави дека јавноста мора да е свесна за големиот импакт на медиумите, вклучувајќи ги и социјалните, особено во ширењето говор на омраза и навредливиот говор. Според Пломп, таквиот тип на говор не е она што се нарекува постоење на плурализам во медиумите и слобода на изразување.