Минатата година 17 ноември – Меѓународниот ден на студентите го одбележаа со марш, а оваа година, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) го одбележа со заедничко дружење.
Александар Николовски, новиот претседател на УСС УКИМ вели дека неформалното поврзување придонесува првично да се запознаат меѓу себе, а со тоа да почнат да се решаваат проблемите, кои како што рече, постојат.
„Студентскиот стандард може многу, многу да биде подобар и во однос на тоа прашање, ние како студентска организација веќе имаме закажано средба во МОН и во Владата заедно со вицепремиерката за добро владеење, на која ќе ѝ ги покажеме реалните студентски проблеми и ќе притискаме да се решаваат проблемите од типот на двата студентски дома во Скопје што треба да се реконструираат, потоа студентите кои се на мастер студии не се еднакво третирани со студентите на додипломски во однос на стипендии за студентски оброк и слично. Измена во делот на студентскиот оброк како и поголеми студентски стипендии“, истакна Николовски и притоа додаде дека приоритет се студентските домови.
„Иако знаеме дека сега ќе има избори, важно е тој процес да почне“, дециден е тој.
Со ова се сложи и студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер кој укажа на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу, во чиј двор се наоѓа и Студентскиот културен центар.
„Затворен е веќе две години. Уште пред короната беше ветено дека ќе се реновира, ама не се реновираше. Пак, на минатогодишната средба во собранието со премиерот и министерот за образование беше кажано дека пари за студентски домови се обезбедени, од март месец 2023 ќе почне реновирањето, но тоа не се случи. Или на пример мојот факултет нема доволно финансии да си ги плати сметките. Недостасува и простор за работа“, посочи студентот.
Притоа додаде дека во рамките на Универзитетското собрание е веќе покрената иницијатива е веќе формирана комисија за студентски стандард која, како што рече, активно ќе се залага, ќе се бори, ќе досадува на институциите за да се решат побрзо овие прашања.
Пораките за потребата да се подобри студентскиот стандард студентите ги изнесоа на настанот што вчеравечер во организација на УСС УКИМ се одржа во новиот Студентски културен центар. Таму преку штандови со технички направи, макети и епрувети, традиционална музика и поезија на Блаже Конески студентите се запознаваа меѓу себе, а пред присутните ги споделуваа искуствата од студирањето на УКИМ.
„Првичната цел за овој настан е поголема координација меѓу студентите на Универзитетот, меѓу другите универзитети и зголемување на меѓународната соработка како и соработка со останатите организации кои делуваат на младинската политика. Затоа како одбележување на Меѓународниот ден на студентите повикани се сите факултети од УКИМ, повикани се претставници од сите универзитети и претставници од Владата, МОН, и невладини кои го поддржуваат настанот“, ни изјави Николовски.
Тој официјално го отвори настанот, а по него се обратија и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова и ново-избраната правобранителка, Савче Ѓошева.
„Она што јас го ставив како приоритет во мојата програма се неколку работи, а сите тие во фокусот ги имаат студентите. Една од нив е интернационализацијата и меѓународната соработка, таа треба да ни отвори врати на европскиот образовен простор, таа треба да ни го зголеми обемот не меѓународна соработка, да ни овозможи поголема мобилност за вас. Вториот аспект на кој сакам да работам во наредниот период е дигитализацијата – што поскоро и побрзо да ги дигитализираме услугите, да ги дигитализираме процесите за да го направиме процесот многу полесен, побезбеден и посовремен. Ќе се залагам за отворен универзитет, за отворено општество. За сѐ што ви е потребно обраќајте се без воздржување и она што е потребно заедно ќе го решаваме“, порача ректорката која вчера за првпат се обрати пред студентите откако стапи на функција во средината на септември.
Вчерашниот настан беше меѓу првите кој се одржа во Студентскиот културен центар, кој официјално започна со работа минатата академска година. Од УСС УКИМ кажаа дека се надеваат оти отсега почесто ќе одржуваат настани таму со цел да стане простор отворен и наменет за сите студенти.
Ангела Бошкоска