Изминатата недела, повеќе од еден милион бегалци побегнаа од Украина во потрага по безбедност и заштита. Стотици илјади од нив се деца, кои во голем дел бегаат без придружба или разделени од своите семејства, покажуваат извештаите.
„Децата без родителска грижа се под зголемен ризик од насилство, злоупотреби и експлоатација. Штом овие деца се префрлат надвор од границите, ризиците растат“, се вели во заедничката изјава на генералната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел и високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Тие ги повикуваат сите соседни и погодени држави да осигураат итна идентификација и регистрација на непридружуваните и разделени деца кои бегаат од Украина, откако ќе им се дозволи пристап до територија.
„Државите треба да им обезбедат безбедни катчиња за деца и семејства веднаш по преминувањето на границите и да ги поврзат со државните системи за заштита на децата. Моментната вонредна состојба исто така бара и брзо проширување на капацитетите за итно згрижување со однапред одобрени старатели, како и други витални услуги за заштита на децата, вклучувајќи и заштита од родово-базирано насилство и механизми за влегување во траг и обединување на семејствата“, се вели во заедничката изјава.
Организациите предлагаат привремено згрижување или друг тип згрижување во заедницата преку државниот систем. Според нив, посвојувањето не би требало да се случува за време на вонредни состојби или веднаш по нив.
„Треба да се направат сите напори да се обединат децата со своите семејства кога тоа е можно, доколку таквото обединување е во нивниот најдобар интерес“, истакнуваат Расел и Гранди.
Во нивната изјава се истакнува дека речиси 100.000 деца во Украина, од кои половината се со попреченост, живеат во домови за институционална грижа и интернати. Многу од овие деца имаат живи роднини или законски старатели.
„Имаме добиено извештаи за институции кои сакаат да ги преместат децата на безбедно во соседни земји или подалеку. Иако препознаваме дека под одредени околности хуманитарната евакуација може да значи спасување животи и ги поздравуваме напорите за носење на децата на безбедно, од клучно значење е да се преземат посебни мерки во најдобар интерес на децата и да се обезбеди согласност од нивните родители или лицата одговорни за нивната грижа“, апелираат тие.
Во заедничката реакцијата напоменуваат дека лицата кои се законски одговорни за децата во институциите во Украина мора да се погрижат евакуацијата да се врши во согласност со упатствата на државните власти.
„Движењата мора да се пријават до надлежните органи во Украина и соседните држави веднаш по преминувањето на границата и колку што е возможно децата треба да се евакуираат заедно со нивните документи за идентификација и досиеја“, предлагаат од УНХЦР и УНИЦЕФ.
Во меѓувреме, потсетуваат дека децата без придружба и кои се разделени се особено ранливи, а нивните итни потреби и безбедност, како што велат организациите, мора да се приоритизираат на краток рок, додека се најдат среднорочни и долгорочни решенија.