Морталитетот од жештина во Европа може тројно да се зголеми до крајот на векот, открива студија

Смртните случаи од жештина во Европа би можеле да се зголемат тројно до крајот на векот, а бројките непропорционално се зголемуваат во јужноевропските земји како Италија, Грција и Шпанија, покажа студијата објавена во „Lancet Public Health“, а пренесува Гардијан.

Студот убива повеќе луѓе отколку топлината во Европа, а некои тврдат дека климатските промени ќе имаат корист за општеството со намалување на тие смртни случаи. Но, студијата покажа дека бројот на загинати од затоплувањето на времето може да се зголеми и најмногу ќе страда старото население над 85 години.

Според истражувачите, резултатите сугерираат дека климатските промени може да претставуваат „предизвици без преседан“ за системите за јавно здравје, особено за време на топлотни бранови.

„Се очекува многу повеќе смртни случаи поврзани со топлината да се случат како што климата се загрева и населението старее, додека смртните случаи од студ се намалуваат само малку“, изјави Дејвид Гарсија-Леон од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, коавтор на студијата.

Топлото време може да убие 129.000 луѓе годишно ако температурите се искачат до 3 целзиусови степени над прединдустриските нивоа. Денес, смртните случаи поврзани со топлина во Европа изнесуваат 44.000.

Меѓутоа, годишниот број на смртни случаи од студот и топлината во Европа може да се зголеми од 407.000 луѓе денес на 450.000 во 2100 година, дури и ако светските лидери ја исполнат целта за глобалното затоплување од 1,5 степени целзиусови, покажа студијата.

Истражувањето доаѓа откако серија жешки топлотни бранови направија хаос низ целиот континент. Резултатите ги оспоруваат аргументите на негаторите на климата дека глобалното затоплување е добро за општеството затоа што помалку луѓе ќе умрат од студ.

Дури и во Европа, каде температурите се средни, животите изгубени поради посилната топлина ќе ги надоместат оние што се спасени од поблаг студ, покажа студијата. Додека земјите низ Азија, Африка, Океанија и Америка се печат на уште поопасни температури.

„Ова истражување е строг потсетник за бројот на животи што ги ставаме во ризик ако не успееме да дејствуваме доволно брзо против климатските промени“, соопшти Медлин Томсон, шефица на климатските влијанија и адаптација во добротворната организација за здравствени истражувања „Wellcome“.

Предвиденото тројно зголемување на директните смртни случаи од топлина во Европа „не беше ни целосна слика“, додава таа, посочувајќи на истражувањето што ги поврзува екстремните горештини со спонтани абортуси и влошено ментално здравје.

„Температурата има и индиректни влијанија. Веќе видовме како екстремните топлотни настани можат да предизвикаат откажување од посевите, уништување од шумски пожари, оштетување на критичната инфраструктура и удар на економијата – сето тоа ќе има негативни ефекти врз нашите животи“, децидна е Томсон.

Истражувачите моделирале податоци за 854 градови за да го проценат морталитетот од топли и ниски температури низ целиот континент. Тие открија дека топлината ќе убие повеќе луѓе во сите делови на Европа, но дека најтешкиот товар ќе падне на јужноевропските земји како Шпанија, Италија и Грција, како и делови од Франција.

Тие закучија дека напорите за прилагодување на температурите треба да се фокусираат на региони со висока невработеност, сиромаштија, структурни економски промени, емиграција и возраст.