Македонски обединети сили (МОС), Тврдокорни и уште неколку здруженија денеска во 13 часот пред Собранието на Република Македонија иницираат „Протест против двојазничноста и албанизација на Македонија“.
Според организаторите, двојазичноста е губење на македонскиот карактер на државата.
„И не само тоа, со двојазичноста директна ја губеме и самата држава! Со двојазичноста де факто стануваме трета албанска држава на Балканот. Македонија по секоја цена треба и мора да остане дом на Македонскиот народ. Внимавајте добро, барем половина од сите вие кои го читате овој текст нема да бидете на овој свет после 30-40 години, но другата половина ќе страда од последиците од овој закон за двојазичноста“, стои во повикот за протестот.
Меѓу другото, иницијаторите прашуваат која е причината албанскиот да биде службен јазик во Гевгелија, Валандово, Струмица, Кочани, Штип, Радовиш, Берово, Крива Паланка? Самиот израз малцинство доволно кажува, малцинството е малцинство, велат тие, а не доминантен народ и не живее на целата територија.
„Ние ги гласаме и ги плаќаме нашите политичари како наши претставници и тие се должни да не слушаат нас. Народот е тој што треба да одлучува, а не политичарите. Сегашната власт долги години најавуваше дебата за сите одлуки. А денес истата таа гарнитура го турка законот во ’Собранието’ со ’европскo знаменце’ се’ со цел да ја суспендира демократијата и со диктаторски методи да ни ја наметне двојазичноста. Нашите политичари се поголеми Албанци и од Албанците. Зошто прашањето никогаш не е ’Кои права ги имаат Македонците во Албанија?”, туку секогаш прашањето е ’Правата на Албанците во Македонија?’. И Македонците во Тирана имаат право да го користат својот мајчин јазик. Зошто македонскиот денар да биде напишан на албански, а да не биде и спротивното, албанскиот лек да биде напишан на македонски?“, стои меѓу другото во повикот за протестот.