Речиси секое десетто дете или речиси 160 милиони деца ширум светот се принудени да работат, а пандемијата се заканува да го смени повеќегодишниот напредок во борбата против детскиот труд, предупреди Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Петтата глобална конференција на МОТ за елиминација на детскиот труд започна вчера во Дурбан, Јужна Африка, со енергичен повик за итна акција во борба против зголемената трудова експлоатација на децата.
Според Агендата за цели за одржлив развој на Обединетите нации, 2025 година е краен рок за елиминирање на детскиот труд во светот, поради што „многу учесници на конференцијата во Дурбан ја истакнаа итната потреба да се врати напредокот кој во многу региони е постигнат пред пандемијата на коронавирусот“, се наведува во извештај на веб-страницата на МОТ.
Бројот на деца кои работат во светот расте, а пандемијата се заканува да го промени повеќегодишниот напредок во борбата против трудовата експлоатација на децата. Детскиот труд особено е зголемен кај возрасната група од 5 до 11 години, беше соопштено на конференцијата во Дурбан.
„Тука сме затоа што го делиме заедничкото верување дека детскиот труд е непријател во сите негови аспекти – непријател на развојот на нашите деца и непријател на напредокот. Ниту една цивилизација, ниту една држава и ниту една економија не може да се смета себеси за предводник а напредокот ако нејзините успеси и богатството се градат на грбот на децата“, рече Сирил Рамафоса, претседател на Јужна Африка.