Во 2020 година, 34,2 отсто од 20.000 невработени млади во Северна Македонија кои се регистрирале за мерката „Гаранција за млади“ добиле понуда за работа во рок од четири месеци, но оваа бројка минатата 2021 година значително се намалила, па така за мерката се регистрирале 18.000 лица, додека бројот на оние кои добиле понуда за работа се намалил за 43,7 отсто, покажува извештајот кој по повод 12 август – Денот на младите го објави Меѓународната организација на трудот (МОТ), пишува Мета.
Според податоците, меѓу невработените млади лица побројни се жените, како и возрасната група од 25-29 години, но и оние со завршено средно образование.
Наодите се однесуваат на извештајот од мапирањето на младите луѓе кои не се вработени и не се дел од системите за образование или обука, односно НЕЕТ-лицата, со цел поддршка на подготовката на новиот План за спроведување на Гаранцијата за млади за периодот од 2023 до 2026 година.
Мерката „Гаранција за млади“ овозможува лицата до 29 години кои не се вработени, ниту пак вклучени во образование и обука, да добијат понуда за работа, да го продолжат своето образование или да се вклучат во некоја од активните мерки за вработување во рок од четири месеци по нивното евидентирање како невработени лица.
Како што велат од МОТ, мапирањето овозможува детален преглед на состојбата на овие лица, причините поради кои не се дел од пазарот на трудот или системите за образование и наука, како и мерките кои треба да бидат преземени за ефикасно спроведување на Гаранцијата за млади.
„Од исклучителна важност е инвестирањето во сите региони во земјата за олеснување на пристапот на лицата со болест или попреченост до пазарот на трудот и прилагодувањето на мерките со цел намалување на родовиот јаз во пристапот на пазарот на трудот“, се вели во извештајот.
Од МОТ истакнуваат дека Гаранцијата за млади генерално покажува добри резултати и успешност, особено во насока на зголемување на вработливоста на лицата кои биле надвор од пазарот на трудот и сегашниот систем.
„Сепак, важно е да се истакне дека пандемијата, но и општата ситуација со сегашната криза, се главните предизвици за спроведувањето на Гаранцијата за млади, кои со сеопфатна меѓусекторска соработка можат да се надминат. Податоците од извештајот покажуваат дека 24,2% од младите луѓе се НЕЕТ-лица, процент што е двојно повисок од процентот на ЕУ кој изнесува 13,7%. Исто така, институциите ќе треба во наредниот период да обрнат посебно внимание и да креираат начини за поголемо вклучување на младите жени на пазарот на трудот, затоа што податоците покажуваат дека постои тренд на пораст на бројот на жени кои остануваат надвор од системите за образование или обука”, вели Даниела Ѕампини, Виш специјалист на МОТ за вработување.
Инаку, Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која започна со спроведување на Гаранцијата за млади во 2018 година.
По региони, највисок процент на млади лица кои не се вработени и не се дел од системите за образование има во Југозападниот, Полошкиот, Североисточниот и Скопскиот регион.