Мозаиците на Плаошник со години недостапни за јавноста, надежно ќе се отворат во 2022 година

Во време кога мерките против коронавирусот не се толку строги, домашните и странските туристи го посетуваат Охрид поради Охридското езеро, културно лето исполнето со настани, но и поради археолошките објекти. Сепак, северната половина од локалитетот Плаошник каде што се сместени и повеќето мозаици, со години останува затворена за посетителите.

Кога мозаиците ќе бидат достапни за јавноста, го прашавме директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски. И тој нема конкретен одговор. Единствено појаснува дека во 2017 година се стопирани археолошките ископувања и конзервацијата на откриените градби кои се одвиваа во рамки на тогашните проекти.

„Сите претходни активности на локалитетот Плаошник, кои вклучуваа археолошки истражувања, конзервација, реставрација на откриените градби, како и изградба на Св. Климентовиот Универзитет беа реализирани во рамки на „Капиталните проекти“ кои беа спроведувани од страна на Управата за заштита на културното наследство. Археолошките ископувања и конзервацијата на откриените градби кои се одвиваа во рамки на овие проекти беа стопирани во 2017 година и оттогаш на овој дел од локалитетиот се извршува само тековно одржување на откриените градби и на мозаичните подови од Тетраконхалната црква, а над Римската бања која исто така има мозаичен под е поставена времена натстрешница“, објаснува директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски.

Тој додава дека оваа година ќе се реализира еден дел од Проектот за заштита на Римската бања, односно изградбата на потпорниот ѕид кој ќе ја заштити градбата од свлекување на земјиштето.

„Во рамки на Годишната програма на Министерството за култура за 2022 година веќе се побарани средства за реализација на изготвениот Проект за поставување на трајна покривна конструкција на овој објект, со што ќе се овозможат и соодветни услови за конзервација, реставрација и презентација на мозаичните подови“, истакнува Тутковски.

Дополнително забележува тој, во Годишната програма за 2022 година се побарани и средства за доистражување и изработка на проект за конзервација на архитектурата и мозаиците од Доцноантичкиот плоштад на Плаошник.

Според Тутковски, мозаиците северната половина на локалитетот Плаошник ќе бидат достапни дури по реализацијата на претходно споменатите проекти, за што е неопходно да се одобрат финансиските средства кои се потребни за доистражување и заштита на сите посочени градби. Не прецизира кога точно ќе се случи ова.

„Според нашите оптимистички очекувања, тоа би можело да биде во втората половина од 2022 година, а дотогаш сите посетители ќе може да уживаат само во конзервираните и презентираните мозаични подови од Јужната базилика и од крстилницата“, вели тој.

И.С.