Мрежата на филмски фестивали и организации „Edu Cuts“ распиша повик за мобилност на млади таленти од 15 до 25 години од земјите на Западен Балкан за учество на едукативни и креативни работилници што се организираат во рамките на филмски фестивали од регионот.
„Учеството на работилниците ќе подразбира едукација, креативност и интеракции со експерти и врсници од земјите од Западен Балкан, кои ќе ги споделат заедничките интереси во аудиовизуелната и филмска уметност со спремност за тимска работа под надзор на ментори“, велат од организацијата.
Заинтересираните треба да ја пополнат формата, а „Edu Cuts“ ќе ги покрие патните трошоци за минимум 20 млади за да учествуваат на различни креативни работилници. Повикот е отворен до исцрпување на финансиските средства за таа намена, односно до крајот на годината.
„Учесниците треба да имаат потврда од конкретниот филмски фестивал или организација дека се примени за учество на работилници“, информираат оттаму.
Инаку, мрежата е формирана во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ и се спроведува со поддршка на Британскиот совет, а нејзина цел е да го збогати дијалогот помеѓу земјите од Западен Балкан, со зацврстување на културните и креативните сектори за збогатување на општествено-економското влијание.
„Мрежата ‘Edu Cuts’ ги обединува филмските фестивали и организации што се фокусирани на промоцијата и имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти“, посочуваат организаторите.
Ова е втор повик што го распишува мрежата, првиот беше за филмски работилници на кој се пријавиле 40 млади од сите 6 земји од Западен Балкан.