Можност за донации за Турција преку Црвениот Крст, од Град Скопје најавија одделување на средства

Откако минатата вечер силен земјотрес со јачина од  7,8 степени ги погоди Турција и Сирија, кои потоа беа погодени уште од еден последователен удар, апели и опции за хуманитарна помош почнаа да се јавуваат и во земјава.

Од македонскиот Црвен крст соопштуваат дека се во комуникација со Турската Црвена полумесечина и Сириска Арапска Црвена полумесечина, на кои веднаш им беше понудена првична помош.

Сите заинтересирани можат да донираат парична помош на
Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на PCM: 300000001327966,
даночен број: 4030984271620
АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија.

Сите граѓани можат и да донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и A1.

За донации на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: RED CROSS OF THE REPUBLIC OF NORTH
MACEDONIAN
BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE
BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA
BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11
SWIFT CODE: KOBSMK2X
IBAN CODE: MK07300701000001228

И од Град Скопје изразија сочувство за загинатите и повредените во  катастрофалниот земјотрес што го погоди Газиантеп, Турција.

Оттаму информираат дека до Советот на Град Скопје е испратено барање за следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес.

„Градот Скопје е град на солидарност кој никогаш нема да ја заборави помошта, поддршката и солидарноста на братскиот турски народ“, велат од Град Скопје.

Истовремено, од Министерството за надворешни работи (МНР) информираат дека во погодениот реон се наоѓаат девет македонски државјани.

„Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата ‘Еразмус плус’ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и Менторот не е во животна опасност“, истакнаа од МНР.

Оттаму дополнуваат дека дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.

Стотици загинати во силен земјотрес во Турција и Сирија, се стравува дека бројката на жртви ќе расте