Мрежата за заштита од дискриминација ја поздравува препораката на Народниот правобранител со која му се укажува на Министерството за образование и наука (МОН) да спроведе ревизија на учебниците по социологија за втора година гимназиско образование и да ги замени спорните содржини со текстови кои се ослободени од дискриминација по која било основа.
„Препораката е содржана во одговорот на Народниот правобранител по претставки од страна на Мрежата за заштита од дискриминација за учебниците по социолигија кои содржат дискриминација врз основа на род, брачен и семеен статус, раса, етничка припадност, здравствен и социјален статус“, велат од Мрежата.
Од таму потсетуваат дека изминатите години јавноста и граѓанските организации интензивно реагираа и се застапуваа за целосно ревидирање на учебниците за основно и средно образование, но надлежните институции постојано го одолговлекуваа процесот.
„Имајќи предвид дека содржините во учебниците се предуслов за еманципација на идните генерации, недозволиво е во нив да се промовираат: шовинизам, родова нееднаквост и дискриминација. Во 2019 година МОН информираше дека учебниците по социологија не биле опфатени во процесот на ревизија од 2018 година и затоа најави ревизија на истите во текот на учебната 2020/2021 година“, забележуваат од Мрежата.
Народниот правобранител информираше дека Педагошката служба објавила повик за формирање комисија за давање мислења по доставените предлози за исправки на учебниците по социологија, откако авторите на двата учебници изработиле предлози за измени на учебниците.
„Изразуваме сериозна загриженост за начинот на кој се врши корекцијата на постоечките содржини за кои Народниот правобранител утврди дека се дискриминаторски и од чии автори Министерството повторно бара да извршат корекција. Од претходните искуства со промена на дискриминаторските содржини во учебниците, авторите најчесто не се сензитивни и не можат да го препознаат перпетуирањето на стереотипите и на дискриминацијата во текстовите коишто самите ги напишале. Оттука, неопходно е да се ангажираат автори кои имаат современи знаења од областа и кои имаат капацитети за да изработат квалитетни учебници. Кај најголем дел од учебниците се работи за текстови кои се целосно застарени и нерелевантни, што значи дека е невозможно да се добие квалитетна и современа содржина со измена на само неколку параграфи“, реагираат од Мрежата.
Апелираат до Народниот правобранител да ја следи имплементацијата на препораката со цел да се осигура дека Педагошката служба, односно дека МОН како надлежна институција, велат тие, ќе преземе мерки за отстранување и замена на спорните содржини со адекватни текстови коишто ќе бидат ослободени од дискриминација на сите основи.
„Бараме од МОН да постапи согласно своите надлежности, да започне со осовременување на образовните содржини, да изврши целосна ревизија на учебниците коишто се користат во основното и средното образование, како и да ги повлечат од употреба сите учебници каде се промовираат штетни и дискриминаторски содржини. Потсетуваме дека образованието е клучна област преку која се инвестира во човечки капитал, а правото на образование не е возможно да се гарантира преку пласирање на неквалитетни и нерелевантни содржини. Недостатокот од квалитетни и современи содржини во образованието е клучен фактор кој резултира со поразителните резултати од истражувањето на ПИСА, според кое македонските ученици се на 11-то место од назад и според кое само Косово има полоши резултати од нас во регионот“, се вели во реакцијата на Мрежата.
На крајот, потсетуваат дека обврската за ревизија на учебниците е предвидена во Програмата на Владата за периодот од 2017 – 2020 година, а комитетите на ООН и Европската комисија во повеќе наврати препорачаа и побараа од државата да ја отстрани стигмата и дискриминацијата од образовните содржини.