Мрежата за заштита на дискриминација посочува дека на 95-та седница на Советот на јавни обвинители (СЈОРСМ) одржана на 11 јануари се дискутираше за мислењето на Комисијaта за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со кое се утврдува дискриминација во постапката за избор на јавен обвинител во повисоко јавно обвинителство.
Во мислењето на КСЗД, велат тие, воедно е дадена и препорака поранешниот претседател на СЈОРСМ јавно да се извини за сторена дискриминација.
Мрежата за заштита од дискриминација изразува сериозна загриженост и остро реагира бидејќи на седницата, од членовите на СЈОРСМ биле изнесени крајно деградирачки и навредливи ставови и мислења за КСЗД.
„Особено од страна на некои членови кои кажале дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е ‘квази орган, во кој нема правници, дека давала само препораки, а нивните мислења се неважни’. Дополнително, било истакнато дека мислењето на КСЗД нема да биде земено предвид и дека тоа ќе биде оспорено пред Управниот суд“, забележуваат од Мрежата.
По овој повод, потенцираат дека несогласувањата со определено мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето. Дотолку повеќе, велат тие, што ваквото поведение на СЈОРСМ се има случено и неколку пати во минатото кога СЈОРСМ има изнесено вакви навреди кон граѓанскиот сектор, универзитетски професори, ДКСК и други субјекти.
„Во мислењето на КСЗД јасно е образложено дека СЈОРСМ сторил дискриминација кон Ленче Ристоска. Претседателот Јолевски, јавно коментираше дека била на породилно отсуство. Бременоста, боледувањето поради компликации поврзани со бременоста, раѓањето и мајчинството не смеат да бидат причина за жена да не напредува во кариерата или да се земаат предвид како фактори кои ќе се дикутираат и оценуваат за време на одлучувањето за вработувањето или унапредувањето. Оваа форма на дискриминација зборува за нееднаквите услови за мажите и жените на пазарот на труд и има клучно влијание на родовата нееднаквост во оваа област. Од јавните обвинители се очекува да имаат елементарни познавања за поимот дискриминација, бидејќи таа е и кривично дело, според што тие треба да штитат од дискриминација. Минималниот стандард за институцијата е да не постапува дискриминаторски и да има внатрешни правила и процедури за спречување и заштита од дискриминација во работењето на институцијата, вклучително и во областа на вработување и унапредување. Забрана за прашување и коментирање на венчалниот статус, мајчинството, бременоста и раѓањето се минимални стандарди за превенција од дискриминација во трудот“, стои во реакцијата.
Уште повеќе, сметаат дека јавно извинување не е ефикасено решение за овој случај, со истото не се решава проблемот, туку, велат тие, се овозможува продолжување на дискриминација преку опстојување на одлука за избор на кандидати заснована на дискриминација, без да претпоставуваат што би бил резултатот од постапката доколку возраста, бременоста и мајчинството не биле земени предвид.
„Сметаме дека КСЗД требаше да препорача повторување на постапките и донесување на внатрешни акти за спречување и заштита од дискриминација во СЈОРСМ. Потенцираме дека пред Управниот суд не може да водат управни спорови против мислењата на КСЗД бидејќи тие не се управни акти. Коментарите на СЈОРСМ и тужбите ги сметаме за обиди за вмешување и влијание врз работата на КСЗД која има статус на независно тело за еднаквост“, велат од Мрежата.