Иако најголем проблем во Македонија е невработеноста, на граѓанскиот сектор не се гледа како на сектор кој има потенцијал да вработува луѓе, истакнуваат од Македонскиот центар за европско образование.
Оттаму велат дека владата и Европската Комисија треба да направат поголеми напори за повеќе пари да се слеваат во граѓанскиот сектор во пресрет на донесувањето на новиот финансиски претпристапен инструмент ИПА 2, објави Плусинфо.
Досегашното истражување покажало дека во Македонија годишно се слеваат околу 7,6 милиони евра од државниот буџет на сметките на граѓанските организации, а од вкупно 622 милиони евра колку што Македонија има на располагање од ИПА за периодот од 2007 до 2013 година, само еден процент од средствата се наменети за граѓанскиот сектор.
„Граѓанскиот сектор има голем потенцијал за вработување. Има голема можност во следната финансиска рамка 204-2020 и со помош на ИПА 2, во Македонија да можат да се вработат минимум 7.700 лица на годишно ниво со полно работно време и целосно платени придонеси, плус околу 250.000 лица да можат да ги надополнат своите приходи со дополнителна работа во просечна вредност од сто евра по завршено дело, а притоа владата да не треба да обезбедува некакви дополнителни средства“, стои во извештајот на МЦЕО насловен како „Вин-Вин политика“.
Препораките од МЦЕО се 15 проценти од ИПА 2, да се испрограмираат за развој на граѓанското општество, да се создаде фонд за демократија, да се создаде фонд по мерка на граѓанските организации, кофинансирањето да биде основа за да се привлекуваат дополнителни средства од ЕУ и да се отвораат нови работни места.