Македонскиот центар за европско образование побара од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да објасни на кои здруженија им биле доделувани грантови за програмата „Младите во Акција“.
„Се работи за здруженија во кои претходно или истовремено членувале или биле овластени лица на правните лица – директорот, претседателот или членови на управниот одбор и раководни лица од НАЕОПМ. Ова, особено се однесува на правните лица: Младински форум ОКО од Струга, Здружение на граѓани Младински креативен центар од Велес и, Центар за рурален развој од Струга.“ Исто така, јавноста би сакала да го чуе и објаснувањето за следниве неколку работи:Националната агенција, во 2012 година на Младински форум Око – Струга доделила 4 грантови со вкупна вредност од €66.835. Прашањето до Националната агенција е дали ја имале предвид иницијативата на ДКСК во однос на Младински форум Око – Струга, и ако ја имале, како е возможно со онаква леснотија да доделуваат грантови на истата организација поради која беа суспендирани европските средства за Македонија?“, се вели во реакцијата на МЦЕО.
Тие ја повикуваат Националната агенција да и го објасни на јавноста прашањето за судир на интерес, особено во случајот на лицето Јован Попоски, актуелен раководител на сектор во Националната агенција, кој се јавува како контакт-лице на оваа организација во регистарот на Интернет адресите – Марнет и ден денес во 2013 година.
„Националната агенција, во 2012 година на здружението „Центар за Рурарен развој –Југоисточна Европа“ од с. Јабланица, Струга, доделила грант во износ од €23.922. Сметаме дека Националната агенција треба да објасни дали ја имале предвид иницијативата на ДКСК во однос на оваа организација?Националната агенција должи и објаснување и за тоа дали за нив не претставува судир на интерес фактот што лицето Шемседин Илази, управител на Центарот за Рурарен развој, добил средства од вториот рок (мај 2012 година), а истовремено е брат на Лулеса Илази, раководителка вработена во Националната агенција?“, се вели во соопштението.
Од МЦЕО реагираат и на демантот на организацијата „Порака нова“ и нагласуваат дека напишаното во извештајот за оваа организација е повеќе наменето за Националната агенција отколку за „Порака нова“.
„Мора да признаете дека ништо од она што го напишавме не е лага. Имено, точно е дека на 7 мај 2012 година, Националната агенција го избрала вашиот проект со наслов “Истражување на разновидноста” вреден €11,600. Точно е и тоа дека Младинскиот форум Око од Струга и Порака нова се две организации кои имаат тековна и непосредна соработка во Европскиот волонтерски сервис(ЕВС), па дури и дека споделувате иста веб-страница. Исто така, факт е дека носител на тековната регистрација на веб-страницата на Младинскиот форум Око и ден денеска е лицето Јован Попоски, раководител на сектор во Националната агенција што се гледа и од регистарот на интернет адреси – Марнет“, се вели во соопштението.