Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во соработка со другите релевантни министерства и институции годинава ќе спроведе повеќе мерки, кои велат дека се во интерес на унапредување на правата на децата и лицата со попреченост, меѓу кои и воведување на регистар и подготовка на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027.
Според МТСП, мерките се врз основа на на барањата на здруженијата на граѓани и родителите на децата со попреченост.
Од МТСП информираат дека се ослободуваат од партиципација лицата со попреченост над 26 години корисници на правото за попреченост при специјалистичко-консултативна здравствена заштита, болничко здравствена заштита и за лекови издадени на рецепт на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Предвидена е и измена и дополнување на Законот за заштита на детето, со кое велат ќе се овозможи покачување на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници.
Намалување на возрасната граница за остварување на правото за траен надоместок за родител кој се грижел за своето дете со попреченост до неговата 26 годишна возраст. Потоа, измена на Законот за социјална заштита со кое ќе се дополни делот за децата/ лицата кои можат да ја користат услугата за лична асистенција и за децата/лицата со комбинирана попреченост, но каде едната од попреченостите е најтешка телесната попреченост“, соопштува МТСП.
Понатаму, најавуваат измена и дополнување на Одлуката за цената на социјалните услуги за 2022 година, каде се предвидува цена за час индивидуален и цена за дневен третман за дете/лице со попреченост од стручен работник во лиценцираните Дневни центри за деца со попреченост, односно 858 денари за индивидуален третман и 1.053 денари дневно по корисник.
Тука е и воведувањето на Регистар за лицата со попреченост, но и измена на Правилникот за ортопедски помагала, со велат дека ќе се овозможи да се доделуваат ортопедски помагала – чевли на секои 6 месеци за сите возрасни групи. Исто така, подготовка и на нова Национална стратегија за лицата со попреченост 2022-2027.
„Обезбедување на обуки и понуда на работни места за невработените родители на децата со попреченост во услугите од социјалната заштита и во Дневните центри; Отворање на Центар за рана интервенција во соработка со Министерството за здравство и со Граѓанските организации; Отворање на 10 станбени единици за живеење со поддршка за 50 корисници од Специјалниот Завод Демир Капија и ЈУ Завод за рехабилитација Скопје“, соопштуваат од МТСП.
Министерството, се вели во соопштението, ќе продолжи да ги унапредува правата на децата и лицата со попреченост во консултација со граѓанските организации, Националните Сојузи и родителите на децата со попреченост, со кои во изминатите три години ги реализирале следните мерки и политики:
„Воведување на две целосно нови услуги за децата и лицата со попреченост – Лична асистенција (269 денари за час) и услугата Домашна нега (289 денари за час); проширување на правото за попреченост за лицата со интелектуална попреченост; зголемување на додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост, до 50% од просечна нето плата; воведување на траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж (8000 денари месечно); зголемување на износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15% и дополнително овој износ се зголемува за 25% и изнесува 6276 денари за материјално необезбедени семејства и зголемување за 50%, односно 7531 денар за самохраните родители коишто имаат дете со попреченост; обезбедени средства и вработување на 500 образовни асистенти во наставата за кои се обезбедени 216 милиони денари; отворени 7 станбени единици за живеење со поддршка за 35 лица до Специјалниот Завод Демир Капија“.
Од МТСП, информираат дека Министерството ќе продолжи да биде отворена институција за сите, бидејќи, како што велат, „само заедно може да ги подготвиме најдобрите решенија кои се во интерес на подобрувањето на пристапот до правата и услугите од социјалната заштита, но и пристапот до пазарот на трудот и подобрување на капацитетите за вработување кај лицата со попреченост“.
Ова известување доаѓа по вчерашните обвинувања од политичката партија Левица дека парламентарното мнозинство гласало против носење на измени на Законот за заштита на децата, поднесен од пратениците на партијата по скратена постапка.
Пратеникот Борислав Крмов соопшти дека во прашање бил предлог за менување, односно зголемување на посебниот додаток од 5.021 денари на 10.042 денари, посебниот додаток за самохран родител кој има дете со попреченост до 26 години од 7.531 да се зголеми на 15.063 денари, и пoсебниот додаток за материјално необезбедени родители, кои се корисници на гарантирана минимална помош за деца кои имаат попреченост до 26 години, од 6.276 денари да се зголеми на 12.552 денари.
„Со 31 глас ЗА, 47 ПРОТИВ и 1 ВОЗДРЖАН овој предлог не беше изгласан во Собранието на РМ’, извести вчера Крмов.
Реагираа и од Коалицијата „Менуваме“, од каде посочија дека во 2021 година имале целосна програма на кој начин додатокот за попреченост линеарно да се покачува.
„Како коалиција Менуваме децидни сме и бараме покачување на додатокот за попреченост за 20 проценти и тоа согласно растот на бруто платата. Ние ѝ велиме на државата да ни дава 20 проценти покачување со растот на бруто платата, а центрите за социјални работи да изготвуваат решенија за тоа. Тој модел ќе го истуркаме пред институциите на системот. Сметаме дека оваа мерка е многу подобра, бидејќи на ваков начин ќе го решиме проблемот и на идните генерации, да не излегуваат на улица, да плачат, да молат, туку како што ќе се качува платата, да се качува и додатокот“, изјави Суарет Алишан за „Слободен печат“.