Годинашното, 13-то по ред, издание на фестивалот OFF-Fest, во организација на Скопскиот џез фестивал, ќе стартува на 1 јуни, со настап на пионерот на Етио-џезот, Мулату Астатке.
Роден во 1943 година, Мулату Астатке студира во Лондон, како и на музичката академија „Беркли“ во Бостон, а настапува и снима и во Њујорк.
По враќањето во родната земја, кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите, Астатке станува една од движечките сили на трансформацијата на популарната музика на Етиопија. Како соло музичар тој развива индивидуален, неконвенционален и уникатен Етио-џез стил, кој во своето јадро ги содржи основните музички концепти на етиописката музика (како употребата на пентатонската скала).
Како единствен вибрафонист на сцената на главниот град, Адис Абеба, Астатке ги комбинира традиционалните звуци со џезот, латино музиката и западната психоделија развивајќи уникатен звук. Неговите албуми, пред сѐ, се фокусираат на инструменталната музика, а Астатке се појавува и на трите најпознати инструментални албуми, објавени за време на „златната ера“ на Етиопија во ’70-тите години.
Астатке доживува поширока светска слава во 2005 година, кога се појавува како автор на саундтракот за филмот “Broken Flowers” на Џим Џармуш. Неговиот последен албум “Sketches Of Ethiopia” издаден во 2013 година влече инспирација од сите правци на етиописката музика.
Во него Астатке користи широк дијапазон на експериментални локални инструменти со цел да ја истражи богатата културна палета на оваа источно-африканска држава. Меѓу етиописките инструменти кои тој ги користи се масинко, крар и вашинт, а од традиционалните џез инструменти пијано, бас, саксофон, труба и виолончело, како и западно-африканскиот инструмент налик на харфа – кора.
Музиката на Астатке ги комбинира урбаните темпа со традиционалниот рурален фолклорен стил, и го содржи неговиот заштитен знак – Етио-џез фузијата на латино удиралки и африкански фанк ритам.
Истата вечер, свој настап на OFF-Fest ќе има и популарната македонската група Фолтин, во специјална формација, со неколку реномирани гости од Словенија и Холандија.