Со перформанс на трупата „Наш мал театар“ работен според стиховите на Емељ Туна, промотивна реч на Владимир Мартиновски и интерпретација на стихови на Биљана Стојановска, во понеделник (18 септември) во 19 часот ќе се одржи мултимедијална проекција на поетската книга „Театар на сенки“ во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Збирката „Театар на сенки“ на Туна содржи 41 песни, на околу 50 страни. Песните се поделени во две посебни, но сепак поврзани целини „Театар“ во кој има 20 песни и „Сенки“ во кој се сместени 21 песна.
„’Театар на сенки’ е насловната песна која ја отвора завесата на овој театар во кој детските приказни се вртат во парички од лутина и среќа и паричката се губи во прашината на градовите и касабите што ни се отвораат пред очите. Во овие градови авторот и читателот заедно се соочуваат со себе си и своето ‘ЈАС’, од кое се ослободуваат дури летаат до небесните ниви разбранувани ама и дури стиховите се рацете што ги придржуваат за веќе да не се плашат од падови“, се вели во описот на книгата, која е во издание на Восток од Битола.
Емељ Туна е голем вљубеник во пишаниот збор, но и на уметноста општо. Родена е 1977 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, а магистрирала и докторирала на шведскиот земјоделски универзитет од Упсала. Работи како вонреден професор на Институтот за агроекономика, при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Авторка е на четири збирки поезија „Хоризонти“ (1998), „Паралелни светови“ (2002), „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ (2021) и „Чудна пролет ќе ти раскажам“ (2022). Учествувала на повеќе поетски манифестации меѓу кои и 59тите Рацинови средби (Велес) и Ритамот на чаршијата (Скопје) во 2022 година, како и на неколку натпревари на кои е добитник на награди и признанија. Нејзината поезија е дел од поетски монографии како „Астални проекции“, „100.000 Поети за промена“ и дел од „Современост“, списанието за литература, култура и уметност (2022 година).