Со над 400 претставени дела, творечкиот циклус на уметникот Симон Шемов, овојпат насловен „Мултиверзум“, ќе биде претставен на изложбата, која ќе се отвори утре, на 27 септември, во Даут-Пашин Амам.
Со почеток во 20 часот, изложбата ќе биде отворена за јавноста до 27 ноември, а куратор на проектот е Ана Франговска.
„Изложбата се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т. е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното“, посочуваат организаторите.
Според Франговска, во изложените дела се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес).
„Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ad acta, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т. е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т. е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови“, посочува кураторот Франговска.