Мурал долг 120 метри нацртан на потпорниот ѕид на ХЕЦ Пена

На потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на Хидроелектричната централа Пена, кој обезбедува сигурност за возилата и пешаците, е нацртан голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи. Муралот е нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри.

„Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)“, велат од УНДП.

Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи – 13 октомври.

Фото: УНДП

„На претставувањето на муралот присуствуваа Постојниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами“, информираат оттаму.

Инаку, ѕидот кој послужи како платно на уметниците е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој УНДП го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.

Фото: УНДП