Од вчера муралот на доајенот на македонската современа музика Александар Џамбазов го краси ѕидот на улицата „Орце Николов“ во скопско Дебар Маало.
Муралот на познатиот композитор и диригент го насликаа уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најавува настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот “Златно славејче” на 25 јануари наредната година, кога ќе се одбележи двегодишнината од неговата смрт.
„Навистина е задоволство да се има муралот на доајенот Александар Џамбазов кој со својот неверојатен творечки опус остави неповторлив белег во својата професија и нашата историја. Тој беше автор на детски песни, иницијатор за формирање на фестивалот „Златко Славејче“, пишувач на сценска и филмска музика, македонски диригент и композитор и великан на современата македонска музика. Настанот на 25 јануари ќе претставува своевидно потсетување на музичкиот опус на основачот на детскиот фестивал и доајен Александар Џамбазов“, вели Герасимовски.
Како дел од активностите на Општина Центар, минатата година, за 70-от роденден на Горан Стефановски, беше направен негов мурал на фасадата на Основното училиште „Коле Неделковски“, а летово на Културниот центар „Јадро“ и Основното училиште „Димитар Миладинов“ насликани беа графити инспирирани од 60-годишнината од земјотресот во Скопје.