Музејот на современата уметност од Скопје (МСУ) го доби престижното Специјално признание за креативност во рамките на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј.
Наградата веќе осма година по ред ја доделува Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ со седиште во Љубљана, Словенија, а на македонскиот кандидат таа му беше доделена вчера, на свечена церемонија во Посавскиот музеј во Брежице, Словенија.
Во името на МСУ, признанието го прими националниот претставник на земјава во „Форумот на словенски култури“, Гордан Николов.
„Новиот поттик што Музејот го дава на широката дисеминација на уметничките колекции и на важноста на современото уметничко изразување, демонстрира напредок и натпреварувачки дух со интензивно инвестирање во трансформацијата на неговиот просторен капацитет и презентација на колекциите и општествено одговорните проекти. Музејот порасна врз темелите на солидарноста, обележана со регионалните и меѓународните донации на важни уметнички дела кои ги поттикнаа почетоците на формирањето на Музејот во шеесеттите години“, се вели во образложението на жирито за наградата.
Добитник на наградата за најдобар словенски музеј е Градскиот музеј во Вировитица, Хрватска, а беа доделени уште неколку други признанија.
Наградата „Жива“ се доделува за промоција на заштитувањето, зачувувањето, едукацијата и информирањето за музејските збирки и за природните и културните споменици, нивната разновидност, содржина и социјална улога. За оваа награда годинава се кандидирале 34 музеи од 10 словенски земји.