Промоцијата на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш, ќе биде придружено со музичко читање на авторот, кој со својата гитара ќе изведе дел од песните застапени во сликовницата.
Делото е збогатено со илустрации на Наталија Лукомска, а промовијата ќе се одржи вечерва, 18 ноември, со почеток во 19 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“.
Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер)“, објаснуваат од „Арс Ламина“.
Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во сите сфери на уметноста. Се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Автор е на „Дедлајна, љубов моја!“ (раскази за возрасни), „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано), „Мамурлаци“ (поезија, коавторска со Александар Крстев), „Се гледаме наскоро. Е.“ (роман за возрасни, коавторски со Драгана Евтимова) и „Библиска етика“ (со група автори). Илустратор е на сликовниците „Дедо Миле“, „Чудесни апарати“ и „Плишаниот зајак“.
„Ши, ѕифри, копчи“ е негова втора книга за деца, претходно го има објавено изданието со раскази за деца „Суштествијада“ каде што тој е автор и на текстот и на илустрациите.
Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги.
Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.