По привршувањето на истражувањата кои деновиве се извршуваа на археолошкиот локалитет „Врбјанска Чука“ во Пелагонија, утре, на 28 август, на локалитетот ќе се одржи музички перформанс насловен „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“ во организација на Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд.
Со почеток во 19 часот, во рамки на археолошката сонда ќе се одржи перформанс во кого ќе се создава музика со свирење на археолошки алати и барабани.
Концертот цели да го афирмира на археолошкиот локалитет и ќе се концентрира на создавање ритам инспириран од звуците при археолошките истражувања и од сознанијата добиени преку проучувањата на луѓето што живееле во оваа неолитска населба.
„Овогодишните истражувања, кои се одвиваат веќе седма година се насочени кон последните етапи на неолитската населба. Главната цел на проучувањата беше да се види како нејзините жители живееле пред таа да биде напуштена и дали овие форми на живот се разликуваат од оние во почетоците на оваа населба околу 6000 година п.н.е. Поради тоа, научната работа беше насочена на архитектурата и материјалната култура од овие крајни фази во периодот околу 5700 година п.н.е“, објаснуваат организаторите.
Оттаму додаваат дека во рамки на мултидисциплинарните истражувања на локалитетот, во кои учествувале стручњаци и студенти од Македонија, Германија, Швајцарија, Италија и Србија, се откриле остатоци од повеќе градби обновувани во неколку фази, како и фрагменти од садови, жртвеници, фигурини и алатки кои укажуваат на динамичниот живот на неолитските луѓе во последните етапи од населбата.