Средношколците од државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“, викендов во Центарот за култура „Иљо Антевски Смок“ во Тетово го одржаа традиционалниот годишен концерт по повод празникот Св. Климент Охридски.
На двочасовниот концерт младите тетовци се претставија со дела од Равел, Чајковски, Бетовен, Пучини, потоа со изведби на македонска и албанска народна песна, како и со странски поп песни. Композициите за концертот ги аранжираше Гоце Симоновски кој беше и диригент.
Мултиетничкиот музички концерт ги зближи не само средношколците, туку и сите тетовци присутни во салата. Публиката беше воодушевена од изведбата на младите музичари кои се претставија пред домашната публика. Тетово има големи таленти, беше главниот коментар кој го споделија присутните на концертот. Како гости на концертот се претставија учениците од Државно музичко училиште од Битола.
Учениците од музичкото училиште често патуваат на домашни и странски фестивали и редовно се закитуваат со награди.
Средното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ е добар пример за мултиетничко училиште бидејќи Македонците, Албанците, Ромите и другите заедници учат во интегрирани паралелки.
Бобан Костадиновски