„Mузика – Сега!“: Иницијатива на музичари и музички работници за итно враќање на музичките настапи

Разни музичари, музички работници, композитори, изведувачи и автори се здружија под името „Музика – Сега!“ со барање до властите за итно враќање на музичките настапи, со определени временски рамки, услови и во фази.

Во продолжение, ви го пренесуваме писмото во целост:

„МУЗИКА – СЕГА!!!“ е иницијатива во која е вклучен (и која претставува) највисокиот сојуз на музички здруженија, што го сочинуваат здруженија на композитори, изведувачи, автори и нивните служби за остварување на изведувачки и авторски права но, и самостојни и независни музичари и музичките работници.

Рестриктивните мерки за јавно собирање во изминитиве 3 месеца, најпрвин и најмногу ја погодија музичката и културната заедница, а посебно оние кои се директно вклучени во работните процеси на истите и се на неделна или дневна база зависни од разни хонорари а, со тоа и во моментов, финансиски исцрпени и немоќни. Од сигурносно – безбедносни причини, најпрвин, беа откажани настапите во живо, на терасите и стадионите а, потоа следеа и мерките за сите гранки на економијата. Подоцна беа забранети по иницијатива и совет на кризниот штаб и секакви јавни собири и настани и било какви групирања, со тоа директно нам (музичарите и музичките работници) нѝ беше ускратено правото на настап и работа а, со тоа и автоматски можноста за било каква заработка и покривање на дневните трошоци. Би сакале да напоменеме дека во оваа иницијатива имаме музичари кои имаат мал дел и на други приходи но, најголем е бројот на оние кои се занимаваат и живеат само од настапи и веќе четврт месец немаат никакви примања. Со оглед на тоа дека надоместоци во висина на една минимална плата од 14.500 денари, со одлука на Владата, беа предвидени само за регистрираните самостојни уметници, како трговци – поединци кои се регистрирани како такви и при Министерството за култура, дел од естрадните уметници и артистите на кои со вонредните мерки им беше ускратено правото и можноста за настап на некои од настаните кои беа предвидени во годишната програма на Министертсвото за култура а, кои нема да се одржат од веќе познатите причини.

Разбирајки ги одлуките на владата на РСМ, Кризниот штаб и Министерството за здравство, ги поддржавме нивните одлуки како и останатите граѓани. Но, факт е дека огромен број македонски музичари и музички работници, заради тоа, се најдоа во многу тешка ситуација на која не и се гледа крајот. Имено, настапите во живо се главен извор на приходи за музичарите и музичките работници и еден од основните двигатели на културната и креативната индустрија која со повеќе милиони евра на годишно ниво, сочинува добар процент од македонскиот БДП. Настапите во живо се главен емотивен двигател на контактот на изведувачот и публиката, Темел со кој во индустријата се вклучуваат и други важни сегменти на системот: промотери, дискографски и други издавачки куќи, организатори на концерти, сервиси за продажба на влезници, останати придружни технички сервиси, па сѐ до медиумите – интернет портали, радио и ТВ станици кои со емитувањето ја носат музиката во домовите.

Треба ли да се каже дека музиката е прв показател за емотивната состојба и здравје на една нација – општо познати се предностите на музиката во подигањето на атмосферата во заедницата и растеретувањето од стресот како и директен поттик за прилагодба до продолжувањето со нормален живот. А токму и тоа го препорачуваат разни психолози во услови на карантини, полициски часови, вонредни состојби и разни рестриктивни мерки – одржувањето на менталното здравје! Токму музиката е препорачана како еден од главните “лекови“ во овие тешки ситуации (секако зборуваме за настапи со сите задржани и запазени мерки на претпазливост во услови на корона вирус).

Музичарите и музичките работници, имаат катастрофален пад во опсегот на делување но, и пад на приходите дури и до 100% во однос на нормалните услови. Нужно е што побргу да се одобрат можни начини за настапување, во прилагодени услови за делување во следните недели. И тоа со точно одредена динамика која би овозможила да се запазат сите мерки кои се препорачани од СЗО и локалните органи.

Затоа, во името на 20-ина илјади музичари и музички работници, автори и изведувачи, членови на здруженија од нашиот сојуз и нивните фамилии, ве молиме и предлагаме, во планот за ревитализација на економските сектори, по итна постапка да ги разгледате и додадете следните 5 предлози, чија цел е спас на музичките дејности и самите музички работници (музичари – изведувачи – автори – композитори – инструменталисти…).

1.Отворање на музичките студија за снимање и продукција

Со оглед на попуштањето на мерките на кризниот штаб и предвидувањето на можноста на групирање до одредена бројка, сметаме дека е логично да се отворат и музичките и филмските студија за креативни процеси, создавање и снимање музика како и филмска и телевизиска продукција.

Снимањето во домашни услови и полупрофесионален или аматерски квалитет не можат трајно да го заменат професионалниот начин на работа и потребниот студиски квалитет на продукција. Моменталниот начин може краткорочно да ги задоволи потребите на публиката / пазарот со нови дела, но наскоро ке дојде до заситување со производи од таквиот начин на работа бидејки овој начин на работа нема никаков економски и финансиски учинок за анагжираните.

Моментално во Македонија има преку 100-ина студија за професионално снимање во кои се постојано анагажирани преку 300 луѓе на снимањата како технички персонал или придружни музичари, околу 2000 музичари повремено снимаат а, во последните 20 години – илјадници музичари кои во текот на својата кариера постојано или повремено снимале.

Временска рамка за предлогот бр. 1

а) Поединечни проби и снимања, 2-3 особи во студио од 20 Јуни 2020.
б) Снимање мали повеќечлени состави (до 10 луѓе) – со фазата на попуштање 3, од 1 Јули 2020.
в) Снимање оркестри и хорови – предлагаме воведување 4 фаза која би допуштила собирање до 90 поединци во професионална смисла, од 15 Јули 2020.

2.Концерти на тераси и отворени градски простори (помали и поголеми стадиони, помошни игралишта, плоштади, кејови, паркови и сл.).

Сметаме дека, во склад со Кризниот штаб кој ја наведе можноста за отворање на терасите и угостителските објекти, би требало да се одобри и можност за оддржување на концертни настапи на бендови и Диџеи – и поради едноставните технички услови потребни за такви настапи, Да потсетиме, музиката и во вакви услови опушта и поттикнува позитивни емоции и така има благотворно влијание на публиката, нејзиното ментално и емоционално здравје. Исто така, сметаме дека и на плоштадите и во парковите, со задолжително почитување на правилата за растојание и епидемиолошките мерки, музичарите би можеле да оддржуваат концерти.

Наведените простори се меѓу првите зафатени со мерките за стопирање на епидемијата и ќе бидат значително погодени од смалениот број на посетители. Воспоставување на нормални услови за работа ќе биде можно дури по финансиското опоравување на угостителскиот сектор. Повеќе илјади музичари и музички работници, се занимаваат со оваков тип на дејност, како основна или дополнителна дејност.

Временска рамка за предлогот бр 2:

а) Концерти на терасите на хотелите и други угостителски објекти – од 20-ти Јуни 2020 или од отворањето и реактивирање на истите.
б) Одвивање на концерти на плоштади, паркови, кејови – за време на туристичката сезона (јуни – октомври 2020).

3.Drive in концерти

Предлагаме одржување на концерти на отворен простор со мали изведувачки состави и со почитување на препораките за растојание на музичарите и музичките работници. Публиката би била во автомобили во драјв – ин простори (отворени кина по пример на одредени земји од Европа кои веќе го практикуваат на големо овој тип на настани) а, квалитетно аудио искуство би можело да се обезбеди на различни начини: еден успешен пример од Данска вклучува посебна FM фреквенција на радио приемниците во возилата. Постои можност и за соучество на спонзори кои целосно или делумно би ги покриле трошоците за продукцијата и/или музичарите.

Идејата е оддржување концерти на отворено, слично на драјв – ин филмски проекции. Можни локации во градовите би биле поголеми паркинг простори. Посетителите не би излегувале од своите возила а, секое второ паркинг место би било слободно поради одржувањето на дистанца. Влез би бил наплатуван по возило или по договор со спонзор. Услужната дејност би се одвивала со келнер, од автомобил до автомобил а, хигиенските потреби би се регулирале со дистанца и дезинфекциски средства.

Временска рамка за предлогот бр. 3:

Одвивање на дејности на отворен простор – веднаш!

4.Концерти во затворен простор.

Сметаме дека во согласност со напатствијата од Кризниот штаб, кој наведе можност за оддржување верски служби, би требало да се одобри и можност за оддржување концерти во затворени простории кои можат да обезбедат физичка дистанца со почитување на епидемиолошките насоки. Одвивање на концерти со помал број на посетители кои се дистанцирани со ознаки по просторот (знаменца, адекватни знаци по подот, траки и сл. маркери) или со седечки места но, со придржување на епидемиолошките мерки.

Затоа предлагаме:

а) Да се овозможат седечки концерти со ограничување до 150 луѓе а, кои би се оддржувале во поголеми простори за 300 и повеќе посетители.
б) Да се овозможат концерти во затворени стоечки концертни простори, како клубови, кои би можеле да примат од 200 до 2000 луѓе во “вонстандардни“ услови. И овде, најголемиот број на посетители би бил околу 150 луѓе по настап.
в) Да се овозможи оддржување концертни случувања, за повеќе од 150 луѓе , во големи концертни простори, како спортски сали и слични простори кои имаат капацитет за 2000 и повеќе луѓе.

Веруваме дека со тоа сите работници од музичката индустрија (изведувачи, автори, евент компании, музичари, продуценти, тон мајстори, сопственици на клубови, промотери и други) повторно би имале финансиска корист. Тоа на крајот води до зачувување на работните места и секако, редовни уплати на даноци кон државата па, оттаму и придвижување на целата економија.

Моментално, во Македонија активно делуваат преку 5.000 автори, 13.000, изведувачи и околу 2.000 пропратни музички работници и технички персонал поврзан со концертната и изведувачка дејност.

Временска рамка за предлогот бр. 4

а) од 1 Јули, слично како и кај верските служби.
б) од 15 Јули 2020.

5.Концерти на отворено (Open air)

Предлагаме open аir концерти кои можат да се одвиваат и пред поголем број луѓе кои би биле на големи отворени површини на означени позиции. Посетителите, во групи од 5 до 10 луѓе, би можеле да следат концерт. Услужната дејност би можела да се одвива по принципот на редови, по моделот на продавниците и со почитување на епидемиолошките мерки.

Овој сегмент е секако поврзан со големи спонзори заради трошоците на продукцијата но, и заради поголемиот број на луѓе што е интересно за спонзорите.

Па, по таа логика, опоравувањето на овој сектор ќе зависи од опоравувањето на спонзорите. Повеќе од 5.000 луѓе се зафатени со овој предлог. Поголемиот број се професионални музичари и музиката им е главен извор на приходи.

Таков тип на концертни активности е нужно поврзан со бројот на луѓе и атмосферата во местото (сала или стадион), комплетната продукција (озвучување и светло) и не е пренослив на домашно поединечно слушање. При тоа, продукциските трошоци не се занемарливи. Сите претходно наведени начини немаат позитивен, т.е немаат практично никаков финансиски учинок за изведувачите и авторите. Наплатата на дигиталните преноси на концерти е готово непостоечка па, е потребно што побргу да се вратиме на вообичаените начини на делување со прилагодба кон пропишаните здравствено хигиенски мерки.

Локации од отворен карактер, на кои час поскоро, можат да се одржуваат музички настани под условите за заштита од корона вирусот и запазување на мерките за заштита споменати погоре: Стадион на АРМ; паркинг просторот кај СЦ Борис Трајковски, разни помошни игралишта (ракометни и фудбалски низ републикава), градски паркови кои веќе имаат постоечка сцена / бина (Школка – Градски Парк Скопје), помали и поголеми плоштади, Скопско Кале, Парк Сарај, Жена-Парк, Матка и други туристички атрактивни локации и слично.

Особено важно, кај последниот предлог е да се земе во предвид можноста и потребата, на сите локални манифестации од градско – општински карактер (кои би се одржале па макар и со скратен буџет од веќе одобрените и предвидени) да бидат ангажирани, исклучиво, домашни музичари (состави, бендови, оркестри, соло изведувачи, диџеи) од разни музички жанрови а, со јасна цел и мотив – поддршка на домашната музичка сцена и нејзините работници во овие тешки времиња!

Временска рамка за предлогот бр 5.

20 јуни 2020 и понатаму.

Овој сегмент на изведувачката дејност (музичарите, изведувачите, инструменталистите) е првиот, директно погоден од мерките за стопирање на епидемијата и истовремено последен на кој ќе му биде овозможен вообичаениот начин на работа (судејќи по тоа дека очигледно стратегија или план за постепено враќање на музичките работници на своите работни / сценски позиции за сега – нема!). Затоа, сметаме дека концертите на отворено, според горенаведениот прелог, би можеле да овозможат одвивање на концертните дејности во текот на летната сезона – 2020та година а, притоа да не се загрози публиката и постоечките резултати во бробата против Ковид 19.

Заклучок:

Предложените 5 модели – предлози, за враќање на музичките настапи во живо, како витален дел од работењето на македонската музичка заедница, ви ги испраќаме со надеж дека ќе увидите што се случува со повеќе од 20.000 засегнати луѓе, музички креативци и нивните фамилии како и со нив поврзаните други дејности, пресудно и важно е и музичките настапи да бидат приклучени во првиот бран на мерки кои веќе се спроведуваат а, служат за релаксација на состојбата и постепено враќање на нормалното функционирање на секој жител на земјава.

Благодариме на вниманието и разбирањето на позициите на нашите членови. Ние сме на располагање со сите ресурси и информации со цел заедничка координација за продолжување на музичкиот живот во земјава.

Поддршка добивме од сите релевантни организации и унии во С. Македонија поврзани со музичка дејност: ЗАМП, СОКОМ, ЗЏМ, Здружение на естрадни уметници, Ивент индустрија.

Во прилог ја добивате и петицијата за итно реактивирање на музичко – сценскиот живот во државава под засилени безбедносни мерки против коронавирусот и повторно овозможување на работа на илјадници музичари и музичките работници вклучени во овој сектор.

Со почит,
Иницијативен одбор:

Трајко Симоновски
Петар Младеновски
Никола Бочваров
Зоран Костадиновски
Виктор Николовски
Гоце Стевковски
Калина Велковска
Благоја Антовски
Ѓоко Максимовски