Од ЗУМП „Музика Сега“ по официјалната објава на Владата за пакетите на мерки кои следуваат, констатираат дека дел од нивните членови ќе бидат опфатени и во петиот и во шестиот пакет мерки.
Во шестиот пакет мерки, поточно мерката број 4, која содржи директна финансиска помош за музичарите кои се активни членови во некои од шесте музички здруженија, гласи:
„Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари“.
Вчера, велат тие, добиле и официјално инфо во врска со оваа мерка и нејзиниот начин на аплицирање, а тоа е дека финансиската помош ќе се одвива преку Министерството за култура и музичарите (активните членови регистрирани во постоечките друштва на музичари) ќе треба самите да аплицираат, а нивниот регистер на активни членови, кој тие ќе го предадат, ќе им служи како еден вид гарант.
„По добиената информација, ние како здружение ЗУПМ ‘Музика сега’, не се согласуваме со ваквиот начин на аплицирање и итно реагиравме до Кабинетот на Министерството за култура, Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Генералниот Секретаријат со барање – овој вид на аплицирање да се избегне, од проста причина бидејќи е тотално непотребен, бирократски комплексен и може да доведе до развлекување на временскиот рок на добивање на помошта, а тој луксуз ние не може да си го дозволиме!“, се вели во реакцијата објавена на нивната веб-страница.
Исто така, реагирано е и во врска со критериумот кој се однесува на „просечен месечен нето приход под 15.000 денари за 2020 година“, од причина што, велат тие, не цела 2020 година беше пандемска година и некои од нивните членови, може да не го исполни овој услов и да не добие финансиска помош.
„Бидете уверени дека цело ова време сме во контакт со релевантните претставници и ќе дадеме сѐ од себе овие, условно кажано неповолности, да ги отстраниме!“, се вели во реакцијата.
Инаку, во соопштението потенцираат и дека во петтиот пакет мерки, пак, се наоѓа мерката број 11, која нив како музичари, индиректно ги опфаќа.
„Мерка 11 e поддршка за индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес во висина од 61 милион денари. Оваа мерка е наменета за правните субјекти кои организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што меѓу другото ќе се ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, домашни музичари и други професии од оваа ивент индустрија кои се директно погодени од пандемијата”.