Музика, дружба, уметност, размена на книги, донирање облека… се дел од активностите што вечерва од 18 часот ќе се случуваат во дворчето на МОФ и Радио МОФ, каде и официјално ќе се затвори Cult+Alt+Repeat, МОФовското културно лето.
Оној што сака да биде диџеј, може да си дојде со своја плејлиста. Друг да земе инструмент – ќе има појачало, па ќе може да свири. Ќе има микрофон, па може да се удри и некоја „оpen mic“ сесија. Се’ на се’ – отворена журка за отворени луѓе.
„Да потсетиме. Ова е алтернативна култура во круг! Изминатиов месец во склоп на Културното лето се одржаа мнооогу летни активности каде што обезбедивме просторче за социјална и културна дружба и забава со богата културна програма за младите и за сите оние кои дојдоа и не поддржаа на ова издание на Cult+Alt+Repeat.
Активностите како размената на книги, работилницата за цртање на стара облека и донирање, журчињата во дворче, проследувањето на кратките документарци и јога сесијата веруваме дека навистина придонесоа за зголемување на културната свест и проширување на социјалната култура кај сите кои беа присутни.
Sooo for the last time, ве покануваме сите вечер (31 август) од 18 часот на добро познатото место, во дворчето на МОФ и Радио МОФ, заедно да го испратиме август, да го пречекаме септември, да уживаме во последните летни горештини и да се спремиме за претстојните есенски денови. Ве чекаме во дворче во придружба на добро расположение. Бидете таму!“, се вели во најавата за настанот.