Во среда (13 септември) со почеток во 20 часот во Камерната сала на Филхармонија, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи солистички концерт посветен на музиката на современата и прогресивна полска композиторка Ханиа Рани.
Концертот претставува дел од Годишната програма на Министерството за култура на РС Македонија.
Ханиа Рани е пијанистка, композиторка и пејачка. Родена е во Гданск, Полска. Студиите по музика ги стекнува на Универзитетот ,,Фредерик Шопен” во Варшава. Автор е на албумите ,,Есја”, ,,Дома”, ,,Музика за филм и театар” и ,,Внатрешни симфонии” во издание на ,,Гондвана рекордс” и ,,Дојче грамофон”. Нејзините дела претставуваат фузија на минимализам, експериментирање и импровизација во неокласичен манир. Соработува со Викингур Олафсон, Хугар, Портико квартет, Игор Хербут, Мела Котелук. Kонцертира на сцените во Европа, Северна Америка, Австралија и Јапонија. За себе ќе рече: ,,Мислам дека сум истата и како уметник и како човек. Музиката е мојот начин на комуникација зашто таа е нешто целовито, без граници, без поделби.”
Дуња Иванова магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Тирана (Албанија), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); Подгорица (Црна Гора), на фестивалите Скопско лето, Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива, Филмскиот фестивал Браќа Манаки, Струшки вечери на поезијата, Нов културен бран, Интернационалниот филмски фестивал Winter Apricots во Прилеп, настапува со оркестарот на Музичката младина на Македонија и Македонската филхармонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер. Автор е на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010), „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012), ,,Контекстот како предуслов за музичко доживување“ (2018).