МВР: Бидете претпазливи при телефонски повици од непознати броеви или од броеви кои се претставуваат како доверливи институции

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки за истрага и справување со телефонските измами кои се вршат преку техники на пренасочување на телефонски броеви и лажирање на „Caller ID“.

Оттаму посочија дека овие измами, кои во последно време се сѐ почести, имаат за цел манипулирање на граѓаните и стекнување на доверливи податоци или финансиски средства.

„Измамниците најчесто се претставуваат како претставници на банки, јавни институции или компании со цел да ги измамат жртвите. Секторот за компјутерски криминал изврши проверки во врска со телефонските измами и утврди дека за манипулација со повици можат да се користат повеќе алатки како што се:
1. VoIP Услуги: Услугите за глас преку интернет протокол (VoIP) овозможуваат корисниците да вршат повици преку интернет. Многу провајдери на VoIP нудат функции како пренасочување на повици, маскирање и рутирање преку виртуелни броеви.
2. Апликација за лажирање: Софтвер и апликации, како “SpoofCard” или слични алатки, овозможуваат корисниците да го изменат Caller ID што се прикажува. Овие алатки се често промовирани за приватни или деловни цели, но може да бидат злоупотребени.
3. PBX Системи (Приватни Разменувачки Мрежи): Бизнисите користат PBX системи за управување со дојдовни и излезни повици. Овие системи можат да пренасочуваат повици преку различни броеви и да го изменат Caller ID за професионални цели.
4. SIM Замена: Се однесува на измамнички техники каде што напаѓачите го пренесуваат бројот на жртвата на друга SIM картичка за да пресретнат повици и пораки“, посочуваат од МВР.

Оттука, Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира граѓаните да биде претпазливи при примање на телефонски повици од непознати броеви или од броеви кои се претставуваат како доверливи институции, никогаш да не се споделуваат лични податоци, банкарски информации или лозинки преку телефон и доколку има сомнеж дека некој е жртва на ваква измама, веднаш да го пријави случајот во најблиската полициска станица.