Според предложените измени во Законот за полиција, Министерството за внатрешни работи предлага гумените куршуми и електричните парализатори повеќе да не се користат за разбивање толпа и насилни протести.
Се предвидува и одземање на дискреционото право на полициските службеници за употреба на средствата за присилба, а нивната употреба ќе биде само по наредба на полицаецот кој ја раководи акцијата или директорот на Бирото за јавна безбедност.
„Физичка сила, полициска палка, лисици, уред за присилно запирање возила и службено куче, ќе можат да се употребат само по наредба на полицискиот службеник кој ја раководи акцијата, додека за употреба на специјалните возила, пиротехничките и хемиските средства, наредба може да даде исклучиво директорот на Бирото за јавна безбедност или од него овластено лице“, стои во предлог Законот.
Инаку, гумените куршуми и електричните парализатори станаа дел од опремата на полицијата со измените на Законот за полиција што Собранието со 59 гласа „за“ ги изгласа во март 2015, во време на политичка криза и протести по објавувањето на прислушуваните разговори.