Изминативе денови во МВР пристигнале пријави од граѓани кои се пожалиле дека добиле електронски пораки во која се известуваат дека се предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела кои ги немаат сторено.
Пораките биле испраќани наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со Европол, а примачите на пораките се повикувале да го контактираат испраќачот преку Вибер линк. Од МВР велат дека станува збор за лажни пораки кои не се испратени од МВР ниту од други институции за спроведување на законите.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-мејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, соопштија од МВР.
Оттаму информираат и дека ваквите обиди за измама биле испраќани и на граѓани во други земји од регионот.