На 15 и 16 април (сабота и недела), по повод празникот Велигден, на подрачјето на Град Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Во сабота во периодот од 18 часот па до завршување на манифестацијата „Воскресение Христово – Велигден“, во центарот Скопје за сообраќај ќе бидат затворени крстосниците бул. „Партизански одреди“, од раскрсницата со ул. „Френклин Рузвелт“ до раскрсницата со бул. „ВМРО“ и бул. „Св.Климент Охридски“, од раскрсницата со бул. „Илинден“ до раскрсницата со ул. „Димитрие Чуповски“.
„Возилата од јавниот градски сообраќај (автобусите) кои што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе се движат по бул. „Илинден“ и преку ул. „Френклин Рузвелт“ и ќе се приклучуваат на бул. „Партизански одреди“, додека автобусите кои што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, пото по ул. „Френклин Рузвелт“ и ќе се приклучуваат на бул. „Партизански одреди“. Истите сообраќајници ќе ги користат и автобудите кои сообраќаат во спротивна насока“, велат од МВР.
Исто така, во Општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе се затвори ул. „Македонска војска“, пред црквата „Свети Петар и Павле“, на потегот од крстосницата со бул. „Партизански одреди“ до ул. „Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, пак, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче, велат од МВР и додаваат дека ддоколку се појави потреба, за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници околу верските објекти.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.