Две лица од Скопје денеска беа приведени поради поткуп во скопската населба „Даме Груев“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Г.З. (59) и А.С. (63) денеска во 14 часот беа приведени заа извршено кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“.
„На лицата на кои им давале пари за глас им земале копии од лични карти, а при приведувањето кај нив се најдени пари и други предмети. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, информираат од МВР.
Вчера 19 годишно момче од с.Цера, Македонска Каменица во полиција пријавило дека непосредно пред пријавувањето, било повикано во штаб на политичка партија во Македонска Каменица, каде му биле дадени 1000 денари за да гласа за кандидатот за градоначалник од таа политичка партија.
Пред два дена, пак, во ОВР Кочани било пријавено дека Д.С.(53) од Кочани на повеќе лица им дал по 1500 денари за тие да гласаат во вториот круг на локалните избори за кандидат за градоначалник. Од МВР информираат дека веднаш извршиле разговори со повеќе лица и вчера бил повикан на информативен разговор. По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното ОЈО Кочани.
Од Јавното обвинителство соопштија дека утре ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.
„Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање во сите општини каде има втор круг од изборите. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување“информираат од ОЈО.
Оттаму потсетуваат дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.
Инаку, денеска на втор круг за локални избори гласаа болните и изнемоштените лица, граѓаните кои се во изолација поради Ковид-19, како и затворениците и притворениците гласа втор круг на локалните избори.
Од вкупно пријавени 5547 болни и немоќни лица, правото на глас денеска го оствариле 5132 лица, а од болни од Ковид-19, од вкупно пријавени 380 лица, правото на глас го искористиле 268, информираа од Државната изборна комисија. Во 14 казнено поправните установи, пак, право на глас имаа 1.409 лица.
Комисијата преку прес-конференцијата претпладнето оцени дека изборниот процес минал без поголеми проблеми и пропусти. Оттаму информираа дека одржан е уште еден циклус на едукација со претседателите и замениците претседатели на избирачките одбори за да се избегнат проблемите со управување со терминалите за биометриска идентификација на гласачите. На терен ќе има 400 лица за техничка поддршка на избирачките одбори.
Утре вториот изборен круг ќе се спроведува во 44 општини, а право на глас имаат 1 353 990 граѓани на 2481 избирачки места.